среда, 11 декември 2024

Објавени тајни снимки од шефот на унгарската опозиција. „Лажни се, ѝ платиле на бившата“

Унгарските медиуми објавија видео на кое лидерот на опозицијата Петер Маѓар ги навредува своите приврзаници. Маѓар и неговата опозициска партија Тиса тврдат дека снимката е незаконски добиена и манипулирана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На објавената снимка се слуша како Петер Маѓар и неговата поранешна партнерка Евелин Вогел разговараат за време на еден од протестите. Во видеото Маѓар се жали дека луѓето смрдат и се шегува дека луѓето чии внуци заминале во странство едноставно можеле да си купат нови.

Маѓар подоцна изјави дека снимката е изманипулирана и дека на неа има реченица што тој не ја кажал, но не објасни за која реченица станува збор.

Претседателот на партијата Тиса тврди дека неговата поранешна партнерка Евелин Фогел снимила 11 часа разговори со него и барала 30 милиони форинти (околу 73.000 евра) за да не ги користи снимките против него.

На снимката се слуша разговор меѓу Маѓар и Вогел на протест во Будимпешта. Маѓар со вулгарен речник се жали дека за време на протестот на 40 степени се потел. „Што по ѓаволите правам овде“, рекол тој.

Маѓар рекол и дека луѓето смрдат, а уште полошо им смрди од уста. Маѓар на шега ѝ рекол на својата партнерка дека таа е единствената што не го цени.

Маѓар спомнува и извесен Марк, за кого вели дека „пишува ср*ња“ наместо да дојде. Не е јасно за кој Марк се работи, но заменик-претседателот на партијата се вика Марк Раднаи.

Маѓар се огласи со соопштение во кое напиша дека веќе неколку дена знаел дека „ќе се обидат да го дискредитираат“ него и партијата со незаконски добиени и манипулирани снимки. Тој вели дека тоа се случува затоа што за првпат опозициската партија има реални шанси да ја смени владата на Орбан. Тој ѝ се извини на унгарската јавност „затоа што мора да ја слушаат оваа изманипулирана гадост“.

„Видеото е очигледно монтирано и манипулирано. Една од речениците сигурно не сум ја кажал“, рече Маѓар.

Тој вели дека снимката докажува дека Евелин Фогел веќе работела за партијата Фидес на Орбан и Габор Кубатов, потпретседателот на Фидес.

Маѓар смета дека Евелин Вогел треба да им објасни на новинарите колку пари добила од Фидес и зошто живее во стан што ѝ го обезбедиле Габор и претприемачот близок до владата, Ѓерги Вертан. Вогел подоцна призна дека живеела во тој стан, но рече дека ќе објасни сè „кога ќе дојде вистинското време“.

Претприемачот тоа го потврди за медиумите, а кажа и дека во неговиот стан често доаѓа и поранешната сопруга на Петер Маѓар. Маѓар ја обвини и својата поранешна сопруга дека работи за партијата на Орбан.

Евелин Фогел е исклучена од партијата, а Маѓар најави дека ќе ја пријави за уцена.

Маѓар на прес-конференција објави уште една снимка, на која, според него, Евелин Фогел бара пари за да молчи. Медиумите подоцна ја добија снимката, која наводно докажува дека Маѓар ја уредувал објавената снимка користејќи фрагменти од подолга снимка.

Претходно најави „унгарски Вотергејт“

Маѓар претходно најави дека ќе објави информации за, како што рече, „унгарскиот Вотергејт“, мислејќи на скандалот со политичкото прислушување што доведе до оставка на американскиот претседател Ричард Никсон во 1974 година.

„Разузнавачи што ѝ служат на својата земја, а не на мафијашката влада, ми се доверија дека мојот стан, нашите канцеларии и нашите возила биле прислушувани со месеци“, рече Маѓар.

Тој додаде дека владата и владејачката партија Фидес прават заговор да го дискредитираат со комбинација на вистински снимки од приватни разговори и лажни, произведени од вештачка интелигенција, а дека неговата поранешна девојка била платена од раководството на Фидес за тајно да го снима.

„Владата сака да нѐ замолчи, но не може да замолчи милиони луѓе“, рече Маѓар. Тој тврди дека и премиерот Виктор Орбан знаел за заговорот, иако не даде докази за тоа обвинение.

„Некој гледал премногу шпионски филмови од досада“, одговори владината портпаролка Естер Витаљос, осврнувајќи се на обвинувањата на Маѓар.

Неодамнешните анкети покажаа дека Тиса го претекнала Фидес, кој е на власт од 2010 година. Следните парламентарни избори во Унгарија се одржуваат во 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ