Објаснувањето како стил на комуникација може да биде дел од нашето секојдневие или со тој феномен да се сретнуваме понекогаш. Можеби тоа е наш стил на комуникација, или го препознаваме во начинот на кој некои луѓе комуницираат. Непобараното објаснување може да има функција на правдање или убедување. Тоа се оние ситуации кога наместо да поставиме конкретно прашање или да дадеме конкретен одговор, прво почнуваме нешто да му објаснуваме на соговорникот, па дури тогаш го прашуваме или му одговараме на прашање. Или наместо информацијата што сме ја барале, прво слушаме одредено објаснување како вовед, а во меѓувреме ја чекаме информацијата.
Каква улога има објаснувањето во ситуации кога соговорникот не го бара? Постојат повеќе причини зошто некои од нас усвојуваат непобарано објаснување како составен дел од комуникацијата.
Привлекување внимание и забележување
Децата што растат покрај возрасни што немаат доволно слух за нивните желби и потреби, мораат да вложуваат дополнителен напор за да бидат забележани. Тој дополнителен напор често има облик на објаснување, правдање или убедување. Некои деца константно мораат да го вложуваат овој дополнителен напор, бидејќи следната алтернатива е да се откажат од своите желби и потреби.
Детето се напрегнува да го добие вниманието и одобрувањето на возрасниот така што се правда и објаснува. За некои деца тоа е единствениот начин да ги задоволат своите потреби, како самото нивно постоење да не е доволно да бидат забележани. Бидејќи објаснувањето е ритуал што често се повторува, особено во ситуации што детето ги проценува како многу значајни, постои голема веројатност дека ова однесување ќе зачести и ќе стане препознатлив аспект на однесувањето на таа личност.
Страв од казна и базична недоверба
Децата што често биле казнувани од возрасните што имале функција да се грижат за нив, можат да го усвојат објаснувањето (правдањето, убедувањето) како начин да избегнат казна. Истовремено можат да развијат и базична недоверба кон другите луѓе – а приори да очекуваат негативен исход од контактот со другата личност. Тој негативен исход може да има неколку облици: да очекуваат дека другите нема да ги забележат или да ги забележат, а да ги игнорираат или да ги забележат, но погрешно да ги разберат и толкуваат. Истото она што тие го искусиле со значајните возрасни луѓе додека растеле. И кога тие деца ќе станат возрасни луѓе, објаснувањето го користат како начин на превенција на казна или отфрлање. Не веруваат дека некој може да ги види и прифати токму такви какви што се и тоа да биде едноставно. Вистински да ги види, чуе и прифати. Научиле дека до прифаќање се доаѓа со многу труд и напор, па дури ни тогаш немаат гаранција дека ќе бидат прифатени.
Манипулација и контрола
Објаснувањето може да има и функција на воспоставување контрола над ситуацијата и соговорникот. Често тоа е потреба за сигурност во комбинација со базична недоверба – „да ги обезбедам сите услови соговорникот правилно да ме разбере“. Корисно е да се запрашаме како сме научиле дека јасно прашање и едноставна информација не се доволни за луѓето правилно да нѐ разберат? Како однапред знаеме дека нашиот соговорник нема правилно да нѐ разбере ако претходно не му објасниме? И дали сѐ уште мораме да простираме „тепих од објаснувања“ пред да „стапнеме“ со она што сакаме да го кажеме?
Во некои ситуации објаснувањето има функција на димна завеса за да се намали видливоста на намерата или информацијата. Помалку да се види она што е, по можност да не биде очигледно. Во овие ситуации најчесто се работи за манипулација.
Ефекти на непобараното објаснување
Објаснувањето одзема време и енергија на сите учесници во комуникацијата. Го продолжува траењето на вербалната размена и го отежнува следењето на содржината. Соговорникот е принуден да чека релевантна информација и притоа да слуша објаснувања што не ги барал. Кога ги затрупуваме луѓето со содржини што не ги барале, ризикуваме како одговор да добиеме нивна агресивна реакција како начин да го прекинат третманот што не им е пријатен. Можат да станат нестрпливи, да цупкаат и да се меткаат, или да ни се втурнат: „Скрати“, „Немој да малтретираш“ и „Кажи што треба“ се изрази со кои луѓето ни даваат до знаење дека ги затрпуваме со непотребни содржини.
Пасивна агресија
Непобараното објаснување може да биде и облик на пасивна агресија кон соговорникот. Го третираме како неспособен нешто да сфати доколку претходно не му се објасни. Ова може да биде и навредливо бидејќи со тоа се поставуваме во надредена позиција во однос на него. Објаснувајќи ги задоволуваме своите потреби и не водиме сметка за потребите на соговорникот. Го затрупуваме со содржини за кои претходно не сме провериле дали му се потребни. А најверојатно и најчесто не му се потребни. Истовремено го ставаме во позиција да чека на информацијата што му е потребна.
На тој начин луѓето губат трпение и енергија, а на крајот и желба да комуницираат со нас.
Објаснување, правдање и убедување
Објаснувањето може да биде во форма на појаснување, правдање или убедување. Секоја од овие форми има цел да влијае на соговорникот и да го моделира неговото однесување, мислење и чувства. Објаснувањето само по себе не мора да биде добро или лошо, туку неговиот предзнак главно зависи од намерата и контекстот. Реакциите на објаснувањето можат да ни дадат корисни повратни информации.
Доколку сакаме добри релации со другите луѓе, особено со луѓето што ни се драги, важно е да бидеме свесни како комуницираме со нив. Кои се нивните, а кои се нашите потреби во таа комуникација.
Кристина Пота Радуловиќ
психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт
Илустрација: Пиксабеј