среда, 11 декември 2024
Институциите и граѓанскиот сектор во процесот на реинтеграцијата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на повратниците од странските боишта (1)

НВО ПЛИАДИС: Никој не веруваше дека жени ќе се снајдат во борбата против насилниот екстремизам, но успеавме

Глобалните предизвици од воените жаришта, навидум далеку од Македонија, сепак на посреден и непосреден начин имаат сериозен потенцијал да се рефлектираат како безбедносен ризик за македонските граѓани и државата. Еден од таквите непосредни безбедносни предизвици за кои повремено се зборува во македонската јавност се реинтеграцијата, ресоцијализацијата и рехабилитацијата на македонските државјани повратници од боиштата во странски држави.

Објавено на

часот

Сподели

Според членот 322-а од Кривичниот закон, повратниците од странските боишта се сторители на казниво дело – учество во странски војски и полиции. Сепак, во македонското општество справувањето со оваа нуспојава на воените конфликти е регулирано институционално. Активностите и дејствата што ги спроведуваат надлежните институции во Македонија се базираат на Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата, а за чија координација и имплементација е надлежна Kанцеларијата на националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Во средината на јули 2021 година Владата на Македонија објави дека успешно го завршила процесот на репатријација на македонските државјани од Сирија и Ирак за четворица мажи странски терористички борци, пет жени и 14 деца.
Владините служби тогаш информираа дека процесот е спроведен во согласност со обврските на Македонија што произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации. Македонскиот Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски е усогласен и во голема мера произлегува од обврските што земјава ги има како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против Исламска држава, во соработка со стратегискиот партнер САД. Тоа е своевиден конкретен доказ дека земјава останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, заради осигурување безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот.

Од вкупно 143 македонски државјани на боиштата во Сирија и Ирак, вратени се 68

Според информациите од надлежните институции, групата на повратници од боиштата во Сирија и во Ирак од 2021 година е последната организирано спроведена операција на враќање македонски граѓани во државава од странски воени жаришта. Оние повратници (претежно мажи) за кои беше докажано дека активно учествувале во дејствата на странските војски беа осудени во судски процеси во Македонија и некои од нив сѐ уште ја издржуваат затворската казна. Но исто така и жените-повратници (сопруги на борците) беа подложени на истрага од надлежните служби за обезбедување докази за нивно можно учество во инкриминирачки дејства, и тоа за секој случај поединечно. Денес надлежните велат дека за ниту една од жените не биле добиени докази за казненоправна одговорност, односно ниту една од повратничките од боиштата во Сирија и во Ирак не е осудена. Тие, заедно со децата, речиси две години се вклучени во процесот на рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање (РРР) во заедницата, односно во општеството. Последните ажурирани информации покажуваат дека на странски боишта се заминати вкупно 143 македонски државјани, од кои се вратени 68.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведува програма наречена „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, конкретно наменета за повратниците од странските воени жаришта.

Поради својата геостратегиска положба, Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, не е имуна на насилен екстремизам и тероризам како транснационални и трансрегионални феномени. Насилниот екстремизам, спротивставувањето на тероризмот, вклучувајќи го и враќањето на странските терористички борци и нивните семејства, веќе е голем предизвик за нашите институции и за целата земја.
Некои од повратниците се соочија со судски процеси и се осудени на неколку години затвор. Некои сè уште ја отслужуваат казната, а некои веќе се ослободени. Поддршката за реинтеграција на овие лица значи и поддршка на заедниците да им се помогне во тој процес, со што ќе се спречи рецидивизам, т.е. повторување на делото.
МЦМС започна да ја спроведува програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ во јули 2021 година, во партнерство со неколку граѓански организации: НЕКСУС – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, Плиадис и Хоризон цивитас. Финансиската поддршка ја обезбедува Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ).
Програмата вклучува работа со повратниците и нивните семејства, работа со заедниците, работа со работниците од првата линија (психолози, социолози, педагози, наставници и сл.) и работа со институциите.


„ Работата со повратниците и нивните семејства подразбира психосоцијална поддршка што ја спроведуваат тимови на психолози, психотерапевти, психијатри, во соработка со центрите за социјална работа. Ваквата поддршка започна во мај 2022 година. За неа сите вклучени ги имаат добиено потребните безбедносни сертификати од релевантните агенции во земјава. Покрај тоа, за дел од нив се подготвуваат индивидуални планови, во кои се разгледуваат можностите за активирање на тоа лице на пазарот на трудот. Индивидуално се согледуваат потребите и можностите за квалификација или преквалификација што би можела да им обезбеди посигурна егзистенција и економско зајакнување. Тимовите што работат помагаат да се олесни и пристапот до социјалните услуги на овие лица.
Работата со работниците од првата линија е насочена кон зајакнување на нивните капацитети за работа со оваа категорија лица, најчесто преку обуки и подготовка на прирачници за работа. Работата со институциите е фокусирана на подобрување на комуникацијата и координацијата, како и на зајакнување на нивните капацитети“, вели Гонце Јаковлеска од МЦМС.

Тим од жени за психосоцијална поддршка на првата теренска линија во процесот на РРР

Во комплексниот пристап на процесот за рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање, во директен контакт и конкретно соочување со предизвиците на работа со повратниците, во смисла на психосоцијална поддршка е вклучена граѓанската организација Плиадис, основана од Мерал Мусли Тајроска и Дренуша Марку. Плиадис е всушност женска невладина организација, основана во декември 2019 година, пред сѐ со цел превенција на насилен екстремизам и радикализација. Мерал Мусли-Тајроска, која по професија е психолог, е претседателка на организацијата, во која сега како тим работат 4 професионалци. Мерал Мусли Тајроска и Дренуша Марку ги започнале своите кариери во превенцијата на насилниот екстремизам уште во 2016 година, кога во Македонија доаѓа интернационалната организација наречена „Жени без граници“. Организацијата е фокусирана на превенцијата на насилниот екстремизам, односно на мајките што имаат деца адолесценти. Низ десет сесии, на кои се среќаваат еднаш неделно во период од 2 месеци, учат како да препознаваат знаци и да превенираат насилен екстремизам, или форми на насилен екстремизам кај нивните деца. Марку почнала како мајка-учесник, а Мусли Тајроска како експерт.

„Нашите кариери во областа на мирот и безбедноста ги започнуваме уште во 2016 година и оттогаш ја пренесуваме пораката на жените како активни чинители во општеството за мир и безбедност. Потоа ја основавме организацијата Плиадис, за да можеме да навлеземе подлабоко во таа тематика, која е многу поширока и каде што има простор жените да придонесат многу повеќе. Сепак, темата ’мир и безбедност’ е терен каде што доминираат мажите. Но всушност жените веќе се многу поактивни во оваа тематика, бидејќи домашните институции, медиумите и интернационалните организации се тие што го помагаат тој процес, односно ја даваат најголемата поддршка за жените да добијат повеќе на гласност во светот на мажите – во превенцијата на насилниот екстремизам“, вели Мусли Тајроска.

По основањето на организацијата Плиадис, тие се здружуваат во партнерство со МЦМС и неколку други организации во програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“. Мусли Тајроска истакнува дека нивната улога во програмата е директна работа со повратниците од странските боишта.

„Она со што се гордееме во нашата организација е што ние сме т.н. ’теренци’. Во овие пет години успеавме да станеме препознаени во процесот на реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација на повратниците од странските боишта, со поддршка на институциите, кои се дел од Националниот комитет за превенција на насилен екстремизам и борба против тероризам’.

Често пати ми поставуваат прашање, како дојдовме до самите повратници. Тоа одеше во тесна соработка со институциите. Пред сѐ Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот како водечко тело, потоа тука ги имате МТСП, ЦСР и 22 други институции, коишто се под капата на Националниот комитет и ги водат темите на превенција и борба против тероризмот и реинтеграција. Потоа, при склучени меморандуми со институциите, ние, т.е. мојот тим на практичари за ментално здравје, психотерапевт, психијатар и експерт за безбедност, заеднички ја водиме програмата на Плиадис за РРР“, објаснува Мусли Тајроска на кој начин се вклучени како граѓанска организација во програмата за реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација на повратниците од странските боишта.

„Ние како граѓанска организација целиме кон тоа да му претставиме на општеството дека невладиниот сектор и институциите работат заедно на оваа тематика за превенција на насилен екстремизам и тероризам. Не станува збор за нешто што ние го правиме своеволно, или сами одлучуваме во тој процес. Напротив, секоја одлука и секоја активност што треба да се спроведе претходно е донесена во консултација со членовите на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот. Досега работиме со 5 семејства. Семејствата прифатија да бидат дел од нашата програма, во 2022 година. Навистина, речиси сите институции вклучени во процесот се сомневаа дека повратниците тешко ќе прифатат да бидат дел од психосоцијалната програма што ние ја нудиме, меѓутоа сите пет семејства соработуваат со нас“, истакнува Мусли Тајроска.

Плиадис е единствената организација во Македонија што дава психосоцијална поддршка во процесот на РРР за повратниците од странските боишта, иако, во работата со повратниците имаат и партнери во други невладини организации, покрај институциите. Некогаш тоа се колегите од Македонското здружение на млади правници, коишто се вклучуваат кога треба на повратниците да им се даде правна помош. Се вклучуваше и Иницијатива за европска перспектива, коишто работеа на економско зајакнување на повратниците, односно го олеснуваа нивното вклучување на пазарот на трудот. Соработката на невладините организации и институциите ја очекува и самиот донатор (ГЦЕРФ), кои имаат политика во проектот што се води да биде вклучено целото општество во работата со повратниците, односно во процесот на РРР.

Стекнување доверба меѓу институциите и невладиниот сектор за работа со повратниците

Од Плиадис истакнуваат дека програмата всушност започнала во 2021 година, но речиси цела година, заедно со нивните партнери од МЦМС, биле во процес на стекнување доверба од страна на институциите за нивно приклучување во работата со повратниците.

„Ние една година имавме период на стекнување доверба со институциите. Во таа година се посветивме на истакнување дека невладиниот сектор е комплементарен на законите, протоколите, процесите што институциите веќе ги имаат поставено. Никогаш не беше доведено во прашање дека ние како невладини организации ќе направиме нешто спротивно на она што го имаат поставено институциите. Напротив, она што денес го имаме постигнато е заеднички успех. По таа година на стекнување доверба, сега веќе имаме одлична соработка со сите вклучени во овој процес. Сега веќе Македонија е најдобар пример во регионот за соработка меѓу институциите и невладиниот сектор во вакви програми на РРР. Ние имавме многу голема поддршка и од Центарот за социјална работа, и од другите институции вклучени во оваа програма“, раскажува Мерал Мусли Тајровска за предизвиците што ги имале во процесот на стекнување доверба меѓу институциите и граѓанскиот сектор.

Во моментов, Плиадис работат со 7 повратници од странските боишта.

„Работиме со 7 повратници од странските боишта, но не ги изоставуваме и членовите на нивните семејства. Тоа значи дека тие седуммина директно доаѓаат тука за психосоцијална поддршка (имаат сесии во просториите на нашата организации) со психотерапевтот, кому јас му асистирам, или со психијатарот, да ги прегледува… На тој начин се следат и од медицински аспект, покрај менталното здравје. Иако во Македонија психотерапијата сѐ уште претставува табу и луѓето уште кријат дека посетуваат психотерапевт, тука не станува збор за тоа, односно тоа ’табу’ е надминато, фокусот на терапијата ни е повратникот, но тука може да бидат вклучени неговата сопруга, децата, но и неговите родители, браќа, сестри… Се опфаќа целото семејство… И не се третира само блиското семејство, туку се третира и подалечното семејство. Доколку имаат потреба од помош, и тие имаат пристап до нашата организација. Поентата е да се даде до знаење дека се работи за вклучување на целата заедница, да може да добие пристап до организацијата Плиадис, но и до нашите партнери“, ги споделува психологот Мерал Мусли Тајровска своите искуства во надминувањето на предизвиците во работата на програмата за реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација на повратниците од странските боишта во Македонија, и како претседателка на граѓанска организација.

Јасминка Павловска

 

Сторијата е подготвена со поддршка на програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ што ја спроведува конзорциум од граѓански организации предводен од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а финансиски е поддржан од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на авторките  и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на ГЦЕРФ или другите организациите што ја спроведуваат програмата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ