„Време е луѓето да живеат во стабилност и мир, да бидат згрижени и да знаат дека нивната влада е тука за да им ги обезбеди услугите што им се потребни“, изјави Башир, кој на негово место го поставија исламистичките бунтовници кои ја соборија владата на досегашниот претседател Башар ал Асад.
Башир беше назначен за шеф на владата која „ќе обезбеди управување со тековните работи до март 2025 година, додека чека да се решат уставните прашања“, се вели во неговите изјави, пренесени од официјалната сириска новинска агенција Сана.
Мохамад ал-Башир досега ја предводеше „владата на спасот“ која неколку години ја формираа бунтовниците на исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) во своето упориште Идлиб, во северозападна Сирија.
„Нашето претходно искуство во управувањето со покраината Идлиб и околните области ни овозможи да стекнеме вредна експертиза (…) што нè прави способни да ја преземеме оваа голема одговорност што ни е доверена“, рече тој за време на состанокот со новите министри и министрите на „паднатиот режим“.
Целта на состанокот е „да се дефинираат процедурите за преземање на институциите, да се започне трансферот на овластувањата и да се обезбеди континуитет на тековните работи“, според Сана.
„Мисиите на привремената влада се состојат во одржување на безбедноста, зачувување на стабилноста на институциите и избегнување на колапс на државата“, рече Башир.
„Исто така, се стреми да обезбеди основни услуги за населението, до формирањето на новата сириска влада која ќе ги исполни аспирациите на сириското општество“, додаде тој.
Бунтовниците ја презедоа власта во Дамаск во неделата по молскавична офанзива предводена од ХТС, додека Асад побегна во Русија.
Еден ден по влегувањето во главниот град, водачот на ХТС Абу Мохамад ал-Џолани одржа разговори со поранешниот премиер Мохамед ал-Џалали за „координирање на транзицијата на власта“ поддржана од парламентот и соборениот претседател на партијата Баат.
Џолани ја нагласи потребата новата влада да се потпре на искусни луѓе од администрацијата во заминување.