Во срцето на истрагата на Тексашкиот оддел за јавна безбедност е и прашањето зошто полицајците чекале во ходникот речиси еден час пред да влезат и да го убијат напаѓачот. Со зголемените повици за независна истрага и зголемените критики за одговорот на полицијата, полицијата од Хјустон и Далас пристигна во Увалде за да им помогнат на локалните сили.
Тие обезбедуваат заштита на полицијата во Увалде, градоначалникот и стојат пред продавницата каде напаѓачот купил две полуавтоматски пушки.
Инспекторите во меѓувреме сè уште трагаат по мотивот за нападот. Салвадор Рамос, 18-годишен средношколец кој го напуштил средното училиште, немал криминално досие и немал историја на ментално заболување, а сè повеќе на виделина излегуваат неговите пораки кои ги испраќал на социјалните мрежи.
Најмалку две деца повикале помош од неколку соседни училници за четврто одделение, откако Рамос во вторникот влегол во училиштето со полуавтоматска пушка АР-15, изјави директорот на Тексашкиот оддел за јавна безбедност, Стивен Мекроу претходно оваа недела.
„Тој е во соба 112“, рекла девојката која повикала помош во 12:03 часот. Истата девојка побарала од операторот на брзата помош „веднаш да испрати полиција“ во 12:43 часот и четири минути подоцна.
Во 12:51 часот, речиси 45 минути по нејзиниот повик, тактичката екипа упаднала и ја прекинала опсадата на основното училиште Роб.
Вкупно најмалку осум повици до брзата помош биле упатени од училиштето додека полицијата чекала надвор. Двете деца кои повикале помош преживеале.
Мекроу истакна дека командантот на лице место, началникот на полициската управа на училишниот округ, погрешно утврдиле дека Рамос бил забарикадиран во училиштето и дека децата повеќе не се во опасност, со што ѝ дозволил на полицијата да се подготви за нападот.
„Тоа беше погрешна одлука и точка“, забележа Мекроу, признавајќи дека стандардните протоколи бараат полицијата веднаш да се соочи со активниот училишен напаѓач, наместо да чека помош.
Тактичките агенти на граничната патрола на местото на настанот биле фрустрирани од недостатокот на јасни инструкции од командантот, верувајќи дека тоа ги одложило напорите да се запре нападот, изјави полициски извор.
Изворот наведува дека кога тактичките агенти влегле во училницата зад балистичкиот штит, напаѓачот излегол од плакарот и пукал во нив. „Мразам да верувам дека некои од овие деца можеле да бидат спасени доколку полицијата им помогнала веднаш откако биле застрелани, а не еден час подоцна откако искрвариле“, рекол друг полициски извор.
Официјалните извештаи за одговорот на полицијата не даваат јасни одговори. Гувернерот на Тексас Грег Абот ден по убиствата, ја пофали храброста на полицијата, а во петокот рече дека е „лут“ затоа што истражителите го довеле во заблуда околу информациите.
Демократот од Тексас Хоакин Кастро повика на независна истрага на ФБИ и го посети училиштето во петокот и изјави за Ројтерс дека е длабоко вознемирен од спротивставените информации што се појавија.