Како што јавува известувачот на МИА од Таипеи, станува збор за досега најголемата гринфилд инвестиција во земјава од осамостојувањето.
Церемонијата на потпишувањето ќе се одржи во седиштето на компанијата. Предвидено е најпрво поздравни обраќања да имаат директорот Деспотовски и претставник на компанијата, а потоа, преку видео-конференциска врска, се очекува да се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.
Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.
„Јагео“ е основана во 1977 година и денес се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електрониката за широка потрошувачка (5G и телекомуникации). Има 29 продажни канцеларии, 49 производствени локации и 20 центри за истражување и развој во 24 држави во Азија, Европа и САД, а брои 40.000 вработени.