Воведувањето на дигитализацијата во клучните аспекти на работа, ќе им овозможи на корисниците поквалитетни и доверливи услуги. Дизајнот на платформата е интуитивен и респонзивен со цел да им биде достапен на сите корисници без разлика на тоа каков уред поседуваат и нивното техничко познавање.
Е-платформата пред сè на корисниците им заштедува време и трошоци за посета на приемните канцеларии. Во текот на постапката, тие имаат целосен и транспарентен увид во постапката за приклучување. Во секој момент можат да го погледнат актуелниот статус на реализација на барањето, а одобрувањето на документацијата е електронско – брзо и едноставно. Корисниците имаат пристап до сите документи поврзани со барањето и ќе добиваат навремени известувања за промена во статусот на барањето на е-пошта и во рамки на корисничкиот профил на е-платформата.
Поднесувањето на барање за нов приклучок е лесно и едноставно. Најпрво, корисникот што има потреба од приклучување на мрежата треба да креира профил со валидна е-пошта и лозинка за оваа намена. Профилот треба да се активира на линкот што ќе пристигне на е-поштата. Следен чекор е најава со внесување на е-поштата како корисничко име и лозинката. За започнување на процесот се одбира опцијата – „Поднеси барање“ и се следат понатамошните чекори.
Електродистрибуција продолжува со модернизација на услугите и дигитализацијата на процесите. На е-платформата во иднина очекуваме дополнително надградување на опсегот на услуги за корисниците.