среда, 9 октомври 2024

Нов руски учебник ја оправдува војната во Украина

Објавено на

часот

Сподели

Според извадоците објавени во руските медиуми, децата од есен на училиште ќе научат дека човечката цивилизација може да доживее колапс и дека рускиот претседател Владимир Путин не е тој што ja почнал „специјалната воена операција“ против Украина.

Коавтор на учебникот „Историја на Русија 1945 – почеток на 21 век“ е претседателскиот советник Владимир Медински, поранешен руски министер за култура.

Ова е првата официјално одобрена историска книга што ќе се користи во руските училишта за да ги спомене неодамнешните настани како што е инвазијата на Украина, која почна во 2022 година.

Од септември ќе го користат матурантите во средните училишта во Русија – 11-ти клас – кои се ученици на 17 и 18 години.

Во учебникот се тврди дека „Западот има фиксација да ја дестабилизира ситуацијата внатре во Русија“ и дека за да се постигне оваа цел, западните сили шират „нескриена русофобија“.

Потоа, се продолжува, тие почнуваат да ја „вовлекуваат“ Русија во разни конфликти.

Крајната цел на Западот е да ја уништи Русија и да ја преземе контролата врз нејзиното минерално богатство, се вели во книгата.

Украина се прикажува како агресивна земја предводена од екстремистички националисти, кои се манипулирани од Западот и наводно ја користат таа земја како „ударен овен“ во борбата против Русија.

Овенот се користел за пробивање на големи порти или утврдувања во претходните векови.

Според учебникот, Украина само нешто повеќе од западен изум создаден за да ѝ се инаетат на Русија, па дури и сино-жолтото знаме на Украина наводно го измислиле Австријците затоа што сакаат да ги убедат Украинците дека се различни од Русите.

Учебникот е полн со искривувања и манипулации, вели Би-би-си.

На пример, првиот руски напад врз Украина во 2014 година е опишан како народно востание на жителите на источен Донбас, кои „сакале да останат Руси“ и им се придружиле „доброволци“ од Русија. Не се споменува воената опрема и персонал што Русија во тоа време или во следните осум години ги испрати во Донбас.

Исто така, се тврди дека една од клучните причини за инвазијата во 2022 година била можноста Украина да влезе во НАТО.

Доколку Украина влезеше во алијансата и потоа „провоцираше конфликт на Крим или Донбас“, се наведува во учебникот, Русија ќе беше принудена да војува против целата НАТО алијанса.

„Ова веројатно би било крајот на цивилизацијата. Тоа не смееше да се дозволи“, се вели во училишната книга.

Сепак, влезот на Украина во НАТО тогаш беше – и останува – далечна перспектива.

Учебникот, исто така, тврди дека пред руската анексија на Крим во 2014 година, Украина имала планови да го претвори Севастопол – седиштето на руската Црноморска флота – во база на НАТО и дека подоцна Киев изјавил дека сака да набави нуклеарно оружје.

Друго неточно тврдење во учебникот е дека до 2014 година, 80 отсто од населението во Украина го сметале рускиот за свој мајчин јазик.

Според истражувањето објавено во 2006 година од угледниот Центар Разумков, само 30 отсто од Украинците го навеле рускиот како мајчин јазик, додека 52 отсто рекле дека мајчин им е украинскиот.

Очигледно привлекувајќи го вниманието кон изобилството материјали на интернет што имплицираат вмешаност на руските сили во злосторствата извршени во Украина, учебникот ги предупредува учениците да внимаваат на „глобалната индустрија, која произведува монтирани клипови и лажни фотографии и видеа“.

„Социјалните мрежи и медиумите на Западот со голема страст во ширењето лажни информации“, се вели во книгата во поглавјето за „специјална воена операција“.

Властите во Русија претходно приведуваа активисти што ги обвиниле руските трупи дека гаѓаат цивили во Украина. Илја Јашин, критичар на Кремљ, беше осуден на осум и пол години во декември 2022 година бидејќи зборуваше во онлајн-пренос во живо за сомневањата дека Русија извршила воени злосторства во украинскиот град Буча.

Учебникот ги критикува и санкциите што Западот ѝ ги воведе на Русија поради инвазијата и се претставени како обид за „уништување на руската економија“.

Неточно се наведува дека овие санкции „се кршење на сите норми на меѓународното право на кои Западот сака да се повикува“, вели Би-би-си.

Во исто време, егзодусот на западните компании од Русија поради војната се претставува како „фантастична можност“ за руските бизнисмени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ