Општина Аеродром вели дека не е надлежна за да го реши проблемот со улицата пред ООУ Љубен Лапе каде втор пат има сообраќајка
Фото: социјални мрежи
1700490156

„Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата Васко Карангелевски, во насока на поставување на соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот. Во оваа прилика уште еднаш ја информираме јавноста дека реализацијата на проектот за улицата Васко Карангелевски е целосна надлежност на градот Скопје и Општина Аеродром нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација. Во таа насока Општина Аеродром, во текот на денешниот ден, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем“, се вели во соопштението од Општината.

Како што претходно објавивме, автомобил се преврте на новата крстосница пред воениот базен, во близина на oсновното училиште Љубен Лапе во населбата Аеродром. Фотографии од сообраќајката се објавени на социјалните мрежи, а од Министерството за внатрешни работи велат дека повредена е жена. 

„На 20.11.2023 во СВР Скопје е пријавена сообраќајна незгода на ул. Васко Карангелевски помеѓу рено меган, со скопски таблички, управувано од Л.Д. (60) и тојота со скопски таблички, управувана од Е.Д.Б. (45). Според првичните информации, со телесни повреди се здобила Е.Д.Б. и укажана и е помош во Клинички центар Мајка Тереза“, велат од МВР.