Од 22 ноември до 2 декември скопјани ќе можат да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот.
Оваа поставка ќе биде завршен од низата настани со коишто годинава центарот го чествувше 20-годишното постоење. Арт поинт –Гумно е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003-та до денес на креативното гумно во селото Слоештица, продефилираа, ни помалку, ни повеќе - 80 врвни уметници од целиот свет.
Организаторите изјавуваат дека „не случајно, завршниот настан по повод 20-годишниот јубилеј ќе се случи токму во Младинскиот културен центар МКЦ – Скопје. Една од заложбите на Арт поинт - Гумно е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат на почетоците од нивните кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-на млади уметници, некои од нив, денес се веќе етаблирани автори.“
Свеченото отворање на изложбата во МКЦ е закажано за в среда со почеток во 20 часот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач - Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.
Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а оваа изложба се реализира во соработка со МКЦ- Скопје.