Бугарија на Украина ќе ѝ донира неисправни советски проектили С-300
Фото: ЕПА
1695854310

„Станува збор за неисправни проектили земја-воздух С-300 кои Бугарија не може да ги поправи, но кои можат да ѝ послужат на украинската војска“, кажа претседателот на одборот за одбрана Христо Гаџев не прецизирајќи го нивниот број.

Според експертите, Украина би требало да може да ги оспособи или да ги искористи за резервни делови. Бугарија има значителни залихи оружје и нејзините фабрики работат со полн капацитет од почетокот на конфликтот во Украина.

Членка на ЕУ и НАТО, но сателит на Москва  до крајот на Студената војна, Бугарија со месеци одбиваше да ѝ испрати каква било помош на Украина, но во јуни ја смени политиката под влијание на новата влада. Од тогаш одлучи да ѝ испрати на Украина стотина оклопни возила и муниција за лесно оружје од полициските резерви.

Сепак, политичарите се длабоко поделени околу тоа. Новиот текст, кој го предложија три парламентарни групи кои имаат 168 пратеници од вкупно 240, предизвика бурна расправа во парламентот, а гласањето беше одржано зад затворени врати, што не се памети.

„Одлуката е одобрена и случајот е заклучен“, кажа за јавниот сервис еден од пратениците кои стојат зад иницијативата, Делјан Пеевски.

Социјалистите кажаа дека го бојкотирале гласањето, оценувајќи го како „национално предавство“.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој жестоко се противи на испраќањето на воената помош стравувајќи од ескалација, ги обвини владата и парламентот дека се однесуваат како „донатори на странски војски“ на штета на бугарските оружени сили.