За документи без „Северна“ казни нема, во банка може, ама пасошот само за по дома
1695807851

Министерството за внатрешни работи нема да казнува, ама сепак патните исправи на граѓаните нема да важат ако сакате да излезете надвор од државата. Тоа значи дека ако не смените пасош до февруари 2024 година, од овој термин па натаму нема да може да поминете на ниту еден граничен премин и пасошот со „Република Македонија“ ќе ви биде буквално само за по дома.

Според досегашните решенија со личната карта на која пишува „Република Македонија“, а не „Република Северна Македонија“, а која по датум е се уште валидна, ќе може да поминете на границите кон Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, освен ако во меѓувреме не се донесат поинакви решенија.  

Редакцијата на МКД.мк контактираше и неколку банки од каде го добивме истиот одговор, дека за на шалтер во банките во земјава ќе може да ги добиете истите услуги како и досега, односно да си извадите пари, да аплицирате за кредит, да си префрлите пари... ако имате валидна лична карта со датум кој не е истечен, а на која пишува „Република Македонија“, а не „Северна“.

„За нас валидни документи се оние кои се издадени од МВР и кои имаат важечки датум. До сега нема никаква поинаква одлука или наложување од Народна банка и се додека е така за нас ќе важат оние документи кои граѓаните ги имаат, а на кои нема изминат датум на важност“, ни одговорија од неколку банки.

И од МВР за МКД.мк официјално одговорија дека казни за непроменет пасош, лична карта или возачка дозвола нема да има и додаваат дека се користат сите капацитети и граѓаните може да закажат и да си направат промена на документите.

„Со промената на името на Република Македонија во Република Северна Македонија Министерството за внатрешни работи отпочна со активности за усогласување  на законските и подзаконските акти  со Амандманските измени на Уставот, за  да може да се изврши набавка на сите обрасци со новото уставно име. По завршувањето на процедурите се изврши набавка од страна на министерството и е отпочнато со издавање на нови лични документи. Што се однесува до Вашето прашање дали ќе има казни за оние кои нема да ги променат документите по февруари 2024 година Ве известуваме дека МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат документи, а доколку некои од граѓаните не ги променат документите нема да има казни за тоа“, одговорија од МВР за МКД.мк.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека нема да има никакви казни за граѓаните кои до февруари 2024 нема да ги сменат личните документи со „Северна Македонија“.

„Секако дека фреквенцијата е зголемена, но тоа не е случај само оваа година, туку беше и минатата. Ако направиме споредба, до 2019 година најголемата побарувачка била во јуни, јули, август и таа не надминувала повеќе од 22-23 илјади барања за промена. Минатата година за истиот период имавме околу 50.000 барања за промена на лични документи. Како што наближи летото и годишните одмори, има и зголемена фреквенција. Во овие денови барањата опаѓаат. Никој нема да биде казнет ако до февруари не извади документи со новото име на државата“, рече Спасовски кон крајот на минатиот месец.

Обврската за промена на личните документи до февруари 2024 година со уставното име Република Северна Македонија произлегува од Преспанскиот договор потпишан меѓу Македонија и Грција на 17 јуни 2018 година.

Трошоците за промена на овие документи кои се зголемени, паѓаат на товар на граѓаните.

                                                                                                                                         Катерина Додевска