Од Националната мрежа посочуваат дека одговорноста на службените лице треба да се бара во ненавремено постапување и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на три жени во еден месец. По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани, се подвлекува во соопштението.
Оттаму, потсетуваат дека на убиствата им претходело долгогодишно семејно насилство кое било пријавувано во полиција.
Нивната анализа покажала дека во периодот од 2017 до 2020 година во државата се регистрирани вкупно 22 фемициди.
„Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80 отсто од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата. Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно, се пријавени само два процента од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот“, информираат од Националната мрежа.
Тие потенцираат дека овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита. Според нив, со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство.
„Бараме од Основното јавно обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а - друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“, и при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство. Согласно ова, бараме одредување највисока казна за сторителот“, потенцираат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Оттаму, нагласуваат дека само преку воспоставување функционален систем на заштита од насилство врз жени и семејно насилство, почитување на основниот принцип на Истанбулската конвенција – должно внимание во неговата вистинска смисла, и соодветно казнување на сторителите, може да се превенираат идни случаи на родово базирано насилство и фемицид како негова најекстремна форма.
Фото илустрација: Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство