Во говорот во Американскиот институт за претпријатија во Вашингтон, Брејверман рече дека конвенцијата за бегалци на ОН ја прошири дефиницијата за прогон и го зголеми бројот на луѓе кои имаат право на заштита.
Брејверман, која се смета за можен лидер на владејачката Конзервативна партија, повика на глобално преиспитување на пристапот кон имиграцијата, што веројатно ќе биде клучно прашање на британските општи избори следната година.
Илегалната миграција и невиденото масовно движење на луѓето ширум светот се неодржливи притисоци врз Америка, Обединетото Кралство и Европа, рече таа.
„Мораме да се здружиме и да се запрашаме дали меѓународните конвенции и правните рамки подготвени пред повеќе од педесет години ѝ служат на својата цел во ерата на воздушниот сообраќај и паметните телефони“, нагласи таа.
Конвенцијата на ОН од 1951 година, правна основа за заштита на бегалците во светот, го воведе принципот дека државите потписнички мора да ги заштитат цивилите кои бегаат од конфликти и прогонства. Конвенцијата ја потпишаа околу 150 земји, меѓу кои и Британија.
Брејверман рече дека судската пракса што произлегува од таа конвенција го намали прагот, така што барателите на азил треба само да докажат дека се соочуваат со дискриминација наместо со реален ризик од тортура и насилство.
„Како што основното правило на историјата е дека нациите кои не можат да ги бранат своите граници нема да опстанат долго, основното правило на политиката е дека политичките системи кои не можат да ги контролираат своите граници нема да ја задржат согласноста на народот и затоа нема да опстанат долго“, рече таа.
„Бројот на луѓе кои можат да се квалификуваат за азил достигна неодржливо ниво и за да се квалификувате за заштита, доволно е да бидете хомосексуалец или жена или да се плашите од дискриминација во вашата земја на потекло“, додаде министерката.
Речиси 24.000 мигранти пристигнаа во Британија преку каналот Ла Манш оваа година. Брејверман заклучи дека барателите на азил треба да поднесат барање за заштита во првата безбедна земја во која ќе стигнат.