Захарова за оставката на спикерот на канадскиот парламент: Тој е жртвено јагне, го штитат Трудо
Фото: ЕПА
1695758145

Рота поднесе оставка поради скандалот со оддавањето почит на украинскиот нацист и припадник на СС единицата Галиција, 98-годишниот Јарослав Хунка за време на седницата одржана по повод посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Од Рота направија жртвено јагне, за од напади да го заштитат канадскиот премиер Џастин Трудо и неговите соработници, меѓу кои има, да потсетам, наследници на колаборационистите од Организацијата на украински националисти и Украинската востаничка армија“, напиша Захарова на Телеграм.

Дедото на заменичката на канадскиот премиер Кристија Фриленд, Михаил Чомјак, бил истакнат украински нацистички колаборационист и главен уредник на пропагандниот дневен весник „Кракивски вести“.

Захарова потсети и дека никој не се извинил поради нацистичките извици „Слава Украини“, со кои беше дочекан Зеленски.

„Убедена сум дека иста ваква неславна иднина ги чека и оние низ светот кои ги поддржуваат Галиција, нацистичките поворки со факели, бандеровците и останатото нацистичко ѓубре“, додаде Захарова.

Рота ја презема целата одговорност за инцидентот кој остро го осудија Русија, Полска, еврејските хуманитарни организации, но и канадската опозиција, а кабинетот на Трудо соопшти дека ни канадскиот лидер ни Зеленски „не биле однапред известени“ за присуството на Хунка.