- Кај нас корупцијата е навлезена во сите пори на општеството, од најниските слоеви до највисоката власт. Поткупот царува на сите страни, од најситните службеници до водечките функционери. Според мене пресврт не е можен без забрзување на процесот на интеграции на државата, со поддршка од ЕУ, засилување на мониторингот низ преговорите во одделни области да започне постапно таа клима на ендемска корупција, тој облак да се тргне тој облак од македонското небо, рече тој.
Според Камбовски, изворите на корупцијата се во политичките партии, оттаму почнува се.
„Без радикални реформи на политичките партии, подредување на правниот режим на партиите на владеењето на правото, без промени на изборниот систем и триесет години воспоставени правила на давање и земање нема надминување на состојбите. Потребен е влез на нови сили, неоптоварени од наследство на давање и земање или игри воспоставени кај политичките партии“, рече тој.
По однос неодамна усвоените измени на Кривичниот законик, професорот Камбовски оценува дека се работи за очигледен упад во правниот систем од, како што посочи, определени влијанија на мигот.
„Очигледно дека и сега такво влијание на миг дал таков ефект да се извршат промени кои поминаа како што поминаа. Со право реакции предизвика тргањето на ставот 353 за злоупотреба на службена должност, а се однесува на јавните набавки. Тоа што тој став е тргнат не значи дека лицата обвинети во врска со јавни набавки не треба и не можат да одговараат по основните ставови од еден до четири. Во новиот Кривичен законик што го составуваме, предложивме донесување посебно кривично дело за злоупотреба на службена должност, со предвидени казни според соодветна градација“, рече тој.
Професорот посочи дека за жал, и да постои најдобар закон, на крајот тука решава политичкото одлучување.
„За жал, веќе 30 години кај нас се развива тезата за неограничените можности на политиката и дека политиката треба да ги води работите во државата. Политиката го турка правото на страна и со политички договори се решаваат проблемите. Повеќе пати се покажа штетноста на таквата практика. Напуштањето на теренот на правото води кон низа непредвидливи последици“, предупреди тој.
„Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст на владеење на правото” е во фокусот на осмата сесија на Охридската школа по природно право што традиционално се одржува во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, со поддршка на Амбасадата на САД.
Студенти по право, дваесет магистранти и петмина докторанти престојната седмица ќе учествуваат на десеттина дискусии на актуелни теми од областа на правото, со фокус ставен врз борбата против корупцијата.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во обраќањето им посака да стекнат многу нови знаења што ќе им помогнат да станат подобри правници, успешни во примената на новините и она што е тема на Школата – полесно да го препознаат и да се справуваат со организиранот криминал и корупцијата, во контекст на вледеење на правото.
Вирџинија Елиот, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, на учесниците им посочи дека тие треба да бидат идните чувари на човековите права и оние што ќе застанат во одбрана на приниципите на владеење на правото.
„Борбата против организираниот криминал и корупцијата, владеењето на правото, независно судство, се најголемиот предизвик за демократизацијата на Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ. Во справувањето со предизвиците не сте сами. Како што рече потпретседателот Блинкен, пријателските демократии отсекогаш биле во прв план во нашата соработка и така и ќе остане“, рече таа.
Потсетувајќи на зборовите на претседателот на САД, Џо Бајден кој ја посочи корупцијата како најголемата безбедносна закана, додека потпретседателот Ентони Блинкен за транснационална заразна болест што ја разјадува довербата на јавноста во институциите, Елиот ја нагласи подготвеноста на САД да работи со Македонија и да придонесе кон исполнување на заедничките норми и меѓународните вредности, како во соработка со властите во земјата, така и со поддршка на граѓанското општество, академијата, студентите.
„Амбасадата на САД ќе продолжи да се фокусира на владеењето на правото и ќе продолжи да соработува со вас за одговорна власт и независно судство. Ве повикувам да бидете храбри во нудењето решенија, подготвени на акција, посветени кон изградба на демократски институции во земјата. Држете се до највисоките стандарди, бранете ги човековите права, борете се против нееднаквоста и политичкото влијание што го разјадува независноста на судството. Искуствата што ќе размените и врските што ќе ги воспоставите нека бидат ресурс во вашиот иден професионален ангажман“, рече таа.
Охридската школа по природно право ќе биде заокружена со доделување сертификати, награди за најдобрите трудови изготвени од студентите. Школата издава и свое списание, индексирано во меѓународната база на податоци, со обработени теми што ќе им бидат од полза во натамошната наобразба и професонален ангажман.