Фејсбук, лаги и видео снимки – алапачи и чесни! Никој не признава разговори за и со Груевски
1695125899

Како жежок костен во раката, секој гледа да се отараси од вмешаност. Реториката е како избори да ближат. Прашања се нижат. Кој од политичарите преговара, дали и меѓународни посредници работат на случајот Уставот да се менува по секоја цена?

Никој со никого не се видел, никој со никого не преговарал?!

Се чини дека преку медиумите сѐ почна од репликите меѓу вицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, како и ден потоа, од едно блиц прашање од опозиционерот, лидер на Алтернатива, Африм Гаши.

ф

Најпрво, Димитриевски го посочи Груби како лице за контакт со поранешниот премиер и бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски. Тој преку Канал 5 упати прашање до Груби да каже како си поминал во Будимпешта и на што се должела таа посета.

„Максо, не ти личи да лажеш, извини се за да не се гледаме по судови“, му одговори Груби и нагласи:

„Знам дека е поразително, ама јас во Будимпешта не сум бил никогаш во живот и не сум се сретнал никогаш со кого било, ниту во Будимпешта, ниту во Унгарија. Дај кажи им на твоиве, дали ти во Будимпешта договори ВМРО да ти ги даде гласовите на локалните избори на кои стана градоначалник на Куманово? Ама кажи искрено, немој да лажеш пак“. Груби отфрли можност дека има контакти со „дотичното лице“.

ф

Како што тоа е вообичаено во политиката, нема извинувања, туку нови реплики:

„Дали е точно дека е одржана средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ на која е одлучено да се побара помош од Будимпешта? Дали е точно дека на таа средба е одлучено лице за контакт со Будимпешта да биде г-динот Груби? Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за 'амнестија' (актуелните измени на членовите во КЗ) и обзбедување на дополнителен број на пратеници за уставни измени?“, возврати Димитриевски и рече дека тој не го споменал „дотичното лице“, туку Груби.

Се јави и Груевски од Будимпешата, се разбира, преку Фејсбук, како поинаку, па рече дека со едниот не се видел 6 години, со другиот никогаш:

ф

„Ги демантирам исплашените политичари. Демантирам дека во Будмпешта сум се сретнал со Артан Груби или со Максим Димитриевски. Артан Груби последен пат го сретнав во штабот ма ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на 2017 година во придружба на Али Ахмети. Максим Димитриевски, кој мислам дека е еден од неколкумина кои во изминатите денови добија од ист центар насока деновиве да измислуваат мои наводни средби, не се сеќавам дека кога било во животот сум го сретнал. “. 

Паралелно со репликите меѓу Груби и Димитриевски  се вклучи и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши поставувајќи директно, како што рече, легитимно прашање преку Фејсбук.

д

„Дали Али Ахмети на еден состанок во Скопје до небо ги молел претставниците на меѓународната заедница да дозволат амнестирање на Никола Груевски“?

Претходно, на заедничка прес-конференција на Алтернатива, Беса и Демократско движење Гаши рече дека владина делегација и високи преставници на Министерството за правда отишле во Будимпешта каде заедно со Груевски ги разгледале предметите во кои тој е осуден во отсуство и можностите тој да може да се врати во Македонија.

И, оттогаш почна да се тркала топката како снежна низ ридот, зголемувајки го својот волумен со секоја нова изјава од политичарите, вклучувајќи го тука и Груевски, во која се негира вмешаност во разговори за да се издејствува негова слобода во замена, како што и може да се претпостави, за изгласување на уставните измени.

Гаши подоцна отиде и подалеку во тврдењата дека зад очите на јавноста се прави голем политички потрес кој треба да ја отвори вратата за уставните измени, би се рекло, како пред некоја година за името на државата.

ф

„Дали Али Ахмети, Блерим Беџети и Сашо Мијалков имале тајна средба во Општина Сарај за усогласување на измените на Кривичниот законик и која е  улогата на Мијалков во овие измени?“, праша Гаши.

Во меѓувреме се огласи и претседателот Стево Пендаровски, кому потоа Гаши му се заблагодари, затоа што, како што рече, ja потврдил информацијата на Алтернатива за барањата за амнестија на Груевски. А, Пендаровски вака изјави во интервју емитувано на ТВ24:

ф

„На едно неформално ниво, пред 7 - 8 месеци, некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (помилување на Груевски, н.з.), што мислам за таа можност и, реков децидно, тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава. За такви кривична дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, а што не е. Има судски постапки“.

Лажги, незборување вистина, тоа беа епитетите во демантите и новите изјави на политичари кои следуваа.

д

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски побара конкретен одговор од шефот на државата:

„Пендаровски да престане да се користи со флоскули и титули, туку јасно да излезе во јавноста кој тоа се консултирал со него за амнестија, во спротивно ќе го сметаме за уште една пласирана лага од него. За жал претседател на државата е фикус на власта и претседател лажго.

Од кабинетот на Пендаровски одговорија со соопштение, практично со адреса кон опозицијата, во кое беше наведено дека до Пендаровски, во текот на оваа година, во два наврати, биле упатени предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи донесување на закон за амнестија на актуелни и поранешни политичари. 

„Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски. 

Изјавата на Стоилковски, дека „Пендаровски е лажго“, како да не беше доволна, па од ВМРО-ДПМНЕ вчера, негирајќи какво било преговарање за Груевски или за Кривичниот законик, му дадоа нов епитет на претседателот – „алапача“.

ф

„Од ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ никој од Стево Пендаровски не барал ништо. Пендаровски се претвори во најголема политичка алапача на македонскава политичка сцена што целосно ја урива позицијата претседател на државата затоа што дневните активности му содржат или во тек на денот се среќава по неколку пати со Агенцијата за разузнавање која за жал е под него. Оговараат или озборуваат кој со кого се гледа, пие кафе, живее, не живее, има брачни проблеми...“, изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски.

И пак Груевски почувствува потреба да се вклучи во дебатата па преку Фејсбук порача дека ниту преговарал за аменстија, ниту пак, како што нагласи, има контакти со сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. И тој побара од Пендаровски да биде конкретен.

„Од никого не сум побарал да бара амнестија за мене кај актуелниот претседател на Македонија Пендаровски. Го повикувам претседателот на Републиката кој даде изјава дека некои лица разговарале со него за моја амнестија, да соопшти јавно кој му барал амнестија за мене. Ако тоа се случи, и ако тоа воопшто било така, потоа споменатите лица би ги замолил јавно да кажат и покажат дали е тоа точно и доколку е точно дали јас сум побарал од нив да бараат амнестија за мене кај Пендаровски“, одговори Груевски кој пак, за измените на Кривичниот законик рече дека тие за неговиот статус имаат „минорно значење“.

ф

И, се разбира, на ред дојде Али Ахмети да се изјасни. Преку интервју за ТВ21, како вовед на друго прашање, тој нагласи дека во изминатите 20 години сѐ  што кажал било точно и сѐ  што рекол дека ќе се случи, се случило. Па така тој рече дека за менување на Кривичниот законик политичките актери, вклучувајќи ја тука и ВМРО-ДПМНЕ, имале средби, нагласувајќи дека тајно се состанувале и дека работата се „крчкала“ три години.

„Имаше десетици средби во Клубот на пратеници за измена на Кривичниот законик за негово усогласување со европските стандарди. Во тие средби имаше работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО“, рече Ахмети и додаде дека прво се откажал Заев, а потоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

ф

Се јави Зоран Заев. Не рече дека Ахмети е лажго, туку рече дека тој не ја зборува вистината. Всушност, неговата изјава е кус демант.

„Не точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот закопник. Изјавата на Ахмети не е вистина", рече Заев во изјава за ТВ24.

А името на Груевски деновиве е присутно во содржините на медиумите, дали заради Кривичниот законик, според чии нови членови, делата за кои беше обвинет од згасанатото СЈО речиси сите ќе застарат или ќе треба ново судење, дали заради гласините дека тајно се преговара со негова амнестија да се „купат“ преостанатите гласови потребни за уставните измени кои за ВМРО-ДПМНЕ се „под бугарски диктат“.

д

Во „шумата“ прозивки се најде и министерот Бујар Османи, кој и како претседавач со ОБСЕ, речиси секојдневно „лета“ до некоја од светските метрополи.

Доскорешниот „огнен“ сопартиец, а од неодамна лидер на Демократско движење, Изет Меџити на Османи вчера му постави јавно прашање, во стилот на со него здружениот алтернативец Гаши, преку Фејсбук, кусо и директно: „Дали беше на службена или приватна посета во Будимпешта кога се сретна со Никола Груевски“?

Кусо и директно, пак преку Фејсбук, денеска стигна одговорот.

„Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“, напиша Османи на социјалните мрежи.

д

Меџити вечерта во гостување на Клан ТВ, изнесе тврдење дека за Груевски се преговарало со Пендаровски.

„Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се преговарало за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски на 9 мај - Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа“, рече Меџити, демантирајќи дека некој од опозицијата барал од шефот на државата да го помилува Греувски.

„Тоа го направија владејачките партии“, рече Меџити.

А оваа хронолигија на изјави, тврдења, лаги, деманти продолжува – сосема сигурно.

                                                                                        Панта Џамбазоски