По протерувањето на рускиот свештеник, МПЦ-ОА треба да одговори дали е за Москва или Цариград
1695105255

Во актуелниот судир меѓу Руската православна црква (РПЦ) и Вселенската патријаршија (ВП), Македонската православна црква-Охридска архиепископија со одлуката да не ја признае Украинската православна црква (призната од ВП) го покажа првиот сигнал за тоа која страна ќе ја заземе МПЦ во тој актуелен судир. Присуството на архимандрит Змеев во Македонија, честите средби со дел од македонските владици, и поменот за душите на руските војници во Украина во дел од македонските цркви, само ги подгреа овие претпоставки.

По признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Српската православна црква (СПЦ) и од Руската православна црква (РПЦ) спротивно на барањето на Вселенската патријаршија македонската црква да биде призната само како Охридска ариепископија (без македонска), уште повеќе ги приближи македонските владици до СПЦ и РПЦ.

Според познавачите на состојбите, забраната за влез на рускиот свештеник Васијан Змеев во Македонија е директна порака од македонските власти до МПЦ-ОА за овој нивен тренд. Ова се толкува како еден вид предупредување до Светиот синод да внимава каков геостратешки курс зазема. Тука се испраќа и потсетувањето дека томосот за автокефалноста на МПЦ-ОА сè уште не е добиен и за тоа се чека на одлуката само на Вселенската патријаршија.

Од Светиот синод на МПЦ-ОА велат дека со резерва гледаат на информациите во јавноста во врска со случајот со рускиот свештеник, па тие не планираат вонредно да заседаваат. Ако се отвори ова прашање, за него ќе биде разговарано на редовната седница на Синодот закажана кон крајот на месецов, велат од Синодот.

Архимандрит Васијан Змеев веќе пет и пол години престојува во Софија. Бил назначен за претставник во подворјето на Руската православна црква во Софија, со решение на Синодот од 7-ми март 2018 година. Во овој период Змеев често пати престојувал и во Македонија. Рускиот црковен претставник на Московската патријаршија имал зачестени средби со архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. Тој ја има улогата на координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.

На овој потег на македонските разузнавачки служби за протерувањето на рускиот свештеник во Бугарија веќе се води жестока дебата за тоа зошто Софија молчи за активностите на архимандритот на нивна територија.

                                                                                                                                                                А.Д.