Во интервју за американската телевизија Си-би-ес Зеленски кажа дека западната воена поддршка е клучна за обновување на територијалниот интегритет на Украина.
Зеленски денес ќе се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Собранието доаѓа во момент кога Киев тврди дека постигнале успеси во контраофанзивата против руската војска која во февруари минатата година почна инвазија на Украина.
Се очекува два дена подоцна Зеленски во Белата куќа да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден.
„Мораме што е можно повеќе да ослободиме наша територија и да тргнеме напред. Дури и ако е помалку од километар или сто метри, мораме тоа да го направиме“, кажа Зеленски во интервјуто емитувано на 17 септември.
„Ајде да летаме на местата кои не можеме да ги поминеме со оклопно возило. Ако не можеме да летаме, ајде да испратиме дронови. Не можеме да го оставиме Путин на раат“, кажа тој.
Украина целосно зависи од воената помош и опремата од Западот за одбрана од руската инвазија. Киев во повеќе наврати врши притисок врз Соединетите Американски Држави и другите сојузници за посилно вооружување, како борбени авиони Ф-16, кои би можеле да ги употребуваат од следната година.
Се очекува Зеленски да ја искористи средбата со светските лидери за да собере поддршка и да изврши притисок за добивање понапредно оружје и муниција. Во интервјуто Зеленски кажа дека модерното западно оружје е клучно за обнова на територијалниот интегритет на Украина.
„Поддршката не е само во пари. Станува збор за технологии. Ако (западните земји) утре обезбедат соодветно оружје за Украина, верувајте ми, ќе го вратиме нашиот територијален интегритет и тоа ќе биде побрзо од која било контраофанзива (спроведена) во која било насока“, кажа тој.
Киев почна контраофанзива на истокот и југот на Украина во јуни, но напорите се успорени поради силната руска одбрана. Украинските функционери често ги отфрлаат критиките за брзината на стратегијата на украинската војска да ја врати територијата под руска контрола.
Иако Вашингтон на почетокот на овој месец го намали значењето на таквите критики, кажувајќи дека е постигнат значителен напредок, има широки навестувања дека јавната поддршка за продолжување на помошта за Украина би можела да се намали ако контраофанзивата не ги исполни очекувањата.
Зеленски претходно кажа дека „спорите“ испораки на оружје од западните земји ѝ се закануваат на контраофанзивата и ги повика украинските партнери да испратат посилно оружје со поголем дострел за да ги потиснат руските сили. Кажа дека Украина е благодарна на поддршката и оцени дека земјата не се бори само за да се заштити себеси.
„Што уште треба Украина да направи за сите да ја измерат нашата огромна благодарност? Умираме во оваа војна“, кажа Зеленски.
„Видете, ако Украина падне, што ќе се случи за десет години? Само размислете за тоа. Ако (Русите) стигнат до Полска, што е следно? Трета светска војна?“
Зеленски ги бранеше украинските напади во Русија оценувајќи дека „Украина има морално право на тоа“.
Во последните месеци Русија пријави напади со дронови на Москва и други цели на руска територија за кои го обвинува Киев.