„Минатата недела ја поминав во Брисел, каде заедно со својот тим се подготвував за состанокот за дијалогот на високо ниво во четвртокот, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел. Како што тој веќе кажа во изјавите за медиумите, се надевавме на подобар исход“, напиша синоќа Лајчак на Фејсбук во својот редовен осврт на минатата недела.
Тој кажа дека е добро да се направи осврт и да се размисли за последните неколку дена пред да почне „вртлогот на неделата на високо ниво во Генералното собрание на Обединетите нации“.
„Состојбата во дијалогот заедно со тензичната ситуација на северот на Косово ќе биде предмет на претстојните стратегиски разговори со нашите европски и американски партнери за да се утврдат нашите следни чекори“, напиша Лајчак.
Кажа дека по завршувањето на новата рунда од дијалогот на високо ниво зборувал со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел и изразил благодарноста за нивниот интерес за дијалогот и нивната силна поддршка.
„Ја ценам интересната размена за тоа што се случува во Советот на Европа и потврдата на нашата продолжена соработка во промовирањето на европските стандарди на Западниот Балкан“, порача Лајчак.