„Откако се направени сите анализи и дискусии со стопанските коморите и сите чинители во трговијата излезе идеја да се обележат цените кои ќе бидат намалени од среда. Затоа Министерството за економија, постапувајќи согласно со Законот за трговија, ќе ја дополни одлуката во делот на вршење на трговијата и со одбележување на сите производи кои утре најверојатно ќе бидат наведени на седница на Владата со намалување на цената, која ќе биде минус 10 проценти од изложените цени на 1 август во синџирите на маркетите“, рече денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Ова, појасни министерот, значи дека секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака каде ќе биде наведена гарантирана цена и ќе се знае дека со цените што ќе бидат означени со оваа ознака нема да може да има нагорно зголемување до 30 ноември. Исто така, посочи, е и поттик до сите чинители во трговијата, но и производителите на прехранбени производи до среда до Министерството за економија доброволно да се пријават ако не се влезени во одлуката за да имаат ваква ознака и да ги намалат дополнително цените. Тоа може да го направат субјектите и од другите сектори заради тоа што, според Бектеши, има интерес од одредени компании во ова кризно време да станат општествено поодговрони и да излезат во пресрет на граѓаните.
Како што информира Бектеши, листата со производи за кои ќе има замрзнување на цените е веќе завршена и ќе биде доставена утре на седница на Владата. Ќе има обврски и за трговците на мало и за трговците на големо, како и за домашните производители.
Тој најави дека задутре ќе почнат засилени контроли од Државниот пазарен инспекторат, а ќе бидат вклучени и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите.
Бектеши на денешната прес конференција уште кажа дека сите производи кои согласно утрешната владина одлука ќе поевтинат за 10 проценти, ќе може да се ставаат и на „акциски“ продажби во маркетите, но по цени пониски од веќе намалените. Доколку, пак, „акцијата“ е поради рокот на траење на производите, тоа ќе мора да биде јасно наведено - дека намалувањето на цената е поради истекот на рокот на производот.
Како што рече Бектеши, утре ќе има мала корекција на одлуката за акциските продажби, а целта е да се спречи секаква измама или манипулација на потрошувачите од страна на трговците.
„Акции за дополнително намалување на цените од ова што утре ќе го утврдиме, ќе бидат дозволени. Тие што можат тоа да го направат, може да се промовираат себе си, нас не ни е проблем. Нам ни е важно да има намалување на цените и потрошувачите да не бидат доведени во заблуда. Акции може да има за сите производи кои ги има одреден супермаркет, но нема да може да се стави „акција“ како ознака во моментот кога таа акција е поради истек на рокот. Тоа ќе мора да се наведе - дека намалувањето на цената на производот е поради истек на рок за потрошувачот сам да одлучи дали би го купил тој производ и дали има време во рок од два, три, пет или десет дена да ги потроши производите што би ги купил. Утре ќе има мала корекција на таа одлука. Мене ми беше важно граѓаните да не бидат измамени и да не се ставаат во заблуда. Откако ќе бидат објавени некои акции, кога ќе одат дома, рокот на тој произод не е повеќе од два дена и дополнителните трошоци се на потрошувачите кои повеќе од 50-на отсто од тие производи треба да ги фрлат. Такви акции нема да бидат дозволени“, потенцира Бектеши.
Тој информира и дека веќе е подготвено ново законоско решение за нефер трговски практики, а ќе има, напомена, и измени во Законот за Државен пазарен инспекторат со кои ќе се зголемат надлежностите на оваа институција.
„Наредниот вторник ќе има неколку предлози од Министрството за економија кои доаѓаат од експерти и се дискутирани со стопанските комори. Веќе е подготвено ново законоско решение за нефер трговски практики, иако тоа е предвидено со Законот за потрошувачи, ќе има одредени механизми и за казнување, но и за злоупотребите при формирањето цени во секторот трговија. Ќе биде со европско знаменце, а за пример се земени држави од ЕУ во кои има вакви законски решенија. За ова ќе ја информираме јавноста кон крајот на оваа и почетокот на идната недела, откако ќе завршат сите консултации со коморите и Организацијата на потрошувачите“, истакна Бектеши.
Одлуката за намалување на цените на производите треба да биде донесена на утрешната владина седница.