Судењето за Титаник продолжува, застарувањето на злосторничкото здружување ќе биде констатирано во завршните зборови
1695037608

Денешното судско рочиште за случајот Титаник помина вообичаено со распит на сведоци. Ниту обвинителството ниту адвокатите на обвинетите не побараа да се констатира дека со измените на Кривичниот законик едно од кривичните дела за кои се судат, злосторничко здружување е веќе застарено.

Од одбраната велат дека нема да предложат да се констатира застареност на кривичното дело злоупотреба злосторничко здружување затоа што судот не може сам да го направи тоа без Јавното обвинителство.

Во разговор со новинарите обвинителката Лиле Стефанова кажа дека во оваа фаза од постапката нема да констатира застареност на ова кривично дело затоа што обвинетите се судат и за други кривични дела. Затоа, тоа ќе го направи во завршните зборови, а пред изрекувањето на пресудата. Стефанова уште кажа дека со тоа нема да им промена во трошоците на постапката.

Случајот Титаник се однесува на изборни нерегуларности. Им се суди на 16 обвинети меѓу кои и на поранешните, премиер Никола Груевски и генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски. Претходно во овој случај осудени се шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер. како и екс министрите од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска. Со измените на Кривичниот законик за Груевски и Божиновски делото е застарено и тие ќе куртулат од дел од казната.

Сепак, на обвинетите ќе продолжи да им се суди за кривичните дела повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Со измените на Кривичниот законик за кривичното дело злосторничко здружување максималната казна затвор може да биде четири години. Во членот 394 за злосторничко здружување, казната за основачот на групата е намалена од една до 10 години на до 3 години, а за членовите од една до 5 години на до 2 години.

Измените на Кривичниот законик предизвикаа бура реакции и протести, а загриженост ирази и Европската Унија со оглед на тоа што измените на законикот беа донесени по брза постапка со европско знаменце и без јавна расправа.

За денеска попладне е најавен протест на студентите од Правниот факултет во Скопје токму поради овие измени на Кривичниот законик.

Следното судско рочиште е закажано за 20 септември.