Во Теарце мултиетнички концерт на повеќе културно-уметнички друштва
1694941229

КУД „Кирил Пејчиновиќ“ синоќа во Теарце се претставија со кореографиите на македонските народни ора „Водарки“, „Посеље“, „Поречки игри“ и орото „Елено Моме“, додека гостите КУД „Џеладин Зеќири“ се претставија со кореографијата „Паварасиа“ (Независност), а членовите на КУД „Теута“ со албански традиционални песни.

„Ова е првпат за нас како КУД „Кирил Пејчиновиќ“ да организираме мултиетнички концерт и со задоволство можеме да кажеме дека сите треба да се стремиме што повеќе вакви концерти да се организираат бидејќи само преку културата можеме заедно да се зближиме и да се почитуваме“, истакна Гоце Симјановски, претседател на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце.

Покрај мултиетничкиот концерт на манифестацијата се организираше Саем на традиционална домашна традиционална храна и рачни изработи каде што се претставија традиционални јадења карактеристични за Полошкиот регион, како што се комат, зелник, топеница, пита, гурабии, тавче гравче, парени колачи, но и познатото тетовско јаболко, домашни рачни изработки кои се изработувале пред многу години. Мултиетничкиот концерт и Саемот беа организирани од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, а финансиски поддржани од страна на Европската Унија.