80 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија која се избори за македонска држава
1679226057

Настанот се одржа во куќата каде што се случило основањето на 19 март 1943 која сега е Меморијален музеј на Централниот Комитет на КПМ (Куќа на Јовановци) во населбата Два Бреста.

„На Балканот до Втората светска војна егзистираат пет буржоаско-монархистички држави, со многу нерешени внатрешни проблеми. Во три од нив непризнат живееше македонскиот народ, кој не уживаше никакви национални права. Но во платформа на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ), се истакнуваше дека секој народ во борбата против фашистичкиот ослободител го решава и своето право на самоопределување. КПЈ беше единствена која имаше изградено правилен став по македонското национално прашање. Македонскиот народ беше посебно мотивиран за прифаќање на борбениот повик. Формирањето на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) на 19 март 1943 година и изборот на Централниот комитет (ЦК) значеше осамостојување на политичкото раководство на Македонија“, истакна во историскиот час Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај.

кпм тетово куќата

Тој воедно потсети дека кога се формирала партијата и Централниот комитет донесени се одлуки за натамошниот развиток на народноослободителната борба.

„Неслучајно е избран Тетово за град каде ќе се формира Комунистичката партија на Македонија. КП стана основен фактор за мобилизација на македонскиот народ и народностите во Македонија, бидејќи благодарение на сите народности кои се вклучиле во народноослободителната борба, и кои покажаа дека и заеднички можат да се борат против окупаторот, придонесоа за остварување на главната цел-слобода за Македонија“, порача Стојчевски.

За случувањата пред 80 години посведочи и Никола Стојановски, кој годинава наполни 100 години, инаку претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија.

„Народот веруваше во КПМ, затоа што единствено тргна да го ослободи македонскиот народ. Тоа беше прифатено од сите граѓаните. Јас сум 100 години, а тогаш бевме деца, но тргнавме по партизанските одреди и се боревме за да создадеме држава, прва после Самоиловото царство. Направивме се за да ја сочуваме и народот направи сè што може да биде добра држава“, рече Никола Стојановски.

Никола стојановски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во природното обраќање порача дека одлуката за формирањето на партијата во 1943 е главниот придонес за долгопосакуваната повоена Македонска државност. 

кпм тетово куќата внатре

„И денеска 80 години подоцна, ѕидовите на оваа историска куќа на семејството Јовановци љубоморно ја чуваат историјата на големите одлуки кои беа донесени на 19 март 1943 со кои е конституиран централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија. Оттука овој датум се смета за ден на формирањето на Комунистичката партија на Македонија и водилка за понатамошниот тек на Народноослободителната и антифашистичка војна“, порача Спасовски.

спасовски-тито-биста

На крајот од настанот Спасовски положи цвеќе пред бистата на Јосип Броз Тито во дворното место на спомен куќата на семејството Јовановци. Притоа, тој ја посети и спомен собата каде е формирана Комунистичката партија на Македонија и избран нејзиниот Централен комитет, при што се потпиша во Книгата за впечатоци.

„Во чест на денот на формирањето на КПМ и 80 години опстојување на идејата за слобода, правда и рамноправност. Никогаш да не се заборават придобивките на антифашизмот. Да не се заборават темелите на македонската државност“, напиша министерот Спасовски во Книгата за впечатоци во спомен куќата на Јовановци од Тетово.

Дел од одбележувањето беше и положување на цвеќе пред спомен бистата на Јосип Броз-Тито во дворот на Меморијалниот музеј.