Минатото лето, филмот ја освои главната награда на пичинг форумот на Evia Film Project во организација на Thessaloniki International Film Festival, со што обезбеди место во овогодинешниот каталог на филмови во подготовка на овој еминентен европски фестивал во Република Грција. Екипата на филмот, кој оваа година е во завршна фаза, преку низа состаноци и презентации за време на филмскиот маркет, го потврди интересот кај дистрибутерите и креаторите на програми на филмските фестивали за документарни филмови. Агора на Интернационалниот филмски фестивал во Солун беше домаќин на 45 тимови со возбудливи документарни проекти во различни фази на продукција. Повеќе од 400 документарни филмови од сите облици и форми беа достапни во онлајн видео библиотеката на Agora Doc Market, а се одржаа и повеќе од 15 мастеркласи, Agora Talks и отворени дискусии на кои учествуваа повеќе од 300 филмски професионалци од 40 земји од светот. Во „Градина“ режисерот Тантуровски ја следи приказната на последните урбани герилa градинари во Скопје. Покрај него, креативната екипа на филмот ја сочинуваат директорот на фотографија Кирил Шентевски и монтажерот Горан Вуќиќ, а продуцент на филмот е Илија Тирицовски.
Филмот го продуцира ОХО продукција и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.