Патриотска трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Велес каде пред 81 година гимназијалци одбија да учат на бугарски јазик
1679145306

„Не само што се побунија и не сакаа да учат на бугарски јазик, туку нив дополнително им ставале и ознаки на капите кои исто така ги одбивале. Тој штрајк траел неколку денови и останал запаметен меѓу велешани. Тоа биле средношколци, деца кои излегле и организирале штрајк со пораки дека нема да учат на бугарски, туку на македонски јазик“, истакна Пандов и додаде дека македонската припадност исконски си ја носеле од татко, мајка, дедо, баба...

Македонскиот јазик и идентите имаат вековни корени, рече Пандов и нагласи дека само оној што не ја познава историјата, може да го негира македонскиот континуит кој што почнува од Ѓорѓија  Пулевски, преку Крсте Петков Мисирков, велешанецот Кочо Рацин, до ден денешен.

За отпорот во Велес и велешката гимназија свој осврт имаше и историчарот Слободан Ников кој истакна дека борба против асимилацијата и однародувањето на Македонците имало и во времето на Кралството Југославија кога во учебната 1937-38 година, кога како отпор учениците зборувале на македонски јазик и се спротивставувале на професорите кои го наметнувале српскиот јазик и српската историја. Овој отпор продолжил и во време на Втората светска војна и бугарската окупација кога и се случил штрајкот во велешката гимназија во март 1942 година.

„Ноќта меѓу 13 и 14 март 1942 година бил формиран штрајкувачки одбор во куќата на Благој Кирков, кој потекнува од семејството на еден од солунските атентатори Костантин Кирков. Не е случаен овој бунт на Благој Кирков и останатите млади од тоа време, некој им го пренел тоа дека борбата за слобода треба да ја извојуваат. Силен бил притисокот на гимназиските власти, полицијата и војската во тоа време, но учениците со голема поддршка на своите родители не попуштиле. Поради силниот притисок гимназиските власти морале да ги поништат одлуките за исклучување на учениците кои се спротивставиле на бугарската асимилаторска политика, дел од тие ученици кои учествувале во штрајкот потоа се вклучиле во редовите на велешкиот партизански одред“, истакна Ников.

На трибината свое обраќање имаше и потпретседателката на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Јанева која своето обраќање го започна со цитат од тријазичникот на Ѓорѓија Пулевски, кој претставува најизразитиот македонист во периодот на почетоткот на деветнаесетиот век:

„Што се велит народ? – Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имејет једнакви обичаји и песни и весеља. Тие људите ји викајет народ, а место во које живуват народ се велит отчество од тој народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија“.

Јанева истакна дека во 1888 година Пулевски ја оформил словено-македонската книжевна дружина, 40 ученици, две години подоцна биле избркани од бугарските егзархиски училишта, биле протерани во Македонија, потоа поради бесплатното школување, заминале во Србија во Белград, кои се решиле да формираат македонска младинска книжевна дружина, чиј принцип бил дека човекот има потреба од татковината, меѓутоа и татковината има потреба од човекот.

„Крсте Петков Мисирков, кој бил кодификатор на македонскиот литературен јазик, воедно и автор на познатото дело „За македонските работи“, во својата петта страна на делото, улогата на македонскиот јазик ја преточил не само како инструмент за социјална комуникација, туку и како средство преку кое се пренесува колективната меморија и културната традиција на народот“, посочи Јанева.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски истакна дека борбата која ја воделе младите велешки гимназијалци пред 81 година ја водиме и денес.

„Не смееме да дозволиме под диктат на ниедна соседна држава да потклекнеме. Треба да бидеме сите единствени затоа што Македонија не почнала со нас а нема ни да заврши. Ние мора да го одржиме тој континуитет затоа што тоа е нашиот аманет и да ја пренесеме љубовта кон Македонија на нашите деца“, посочи Здравковски.