Еден ден пред американската амбасада во Москва овој месец да објави ретко јавно предупредување за можен екстремистички напад во руска концертна сала, локалната станица на ЦИА доставила приватно предупредување до руските власти, кое вклучувало барем уште еден дополнителен детаљ: заканата за која станува збор е од разгранок на Исламска држава познат како ИСИС-Х.
Американските разузнавачи внимателно ја следеле групата и верувале дека заканата е реална. Меѓутоа, неколку дена потоа претседателот Владимир В. Путин ги омаловажи предупредувањата, нарекувајќи ги „директна уцена“ и обиди да се „заплаши и дестабилизира нашето општество“.
Три дена по овие негови зборови, минатиот петок вечерта, вооружени напаѓачи упаднаа во Крокус сити хол кај Москва и убија најмалку 143 луѓе во најсмртоносниот напад во Русија во речиси две децении. ИСИС брзо ја презеде одговорноста за масакрот со соопштенија, фотографија и пропагандно видео.
Она што го направи безбедносниот пропуст навидум уште позабележителен е тоа што во деновите пред масакрот, самата руска безбедносна институција исто така призна дека постои домашна закана од разгранокот на Исламска држава во Авганистан, наречен Исламска држава провинција Хорасан или ИСИС-Х.
Во извештаите од руските разузнавачки служби, кои најверојатно кружеле меѓу највисоките нивоа на владата, се предупредувало на зголемена веројатност за напад во Русија од страна на етнички Таџикистанци радикализирани од ИСИС-Х, според информациите добиени од Досие-центарот, истражувачка организација во Лондон, вели Њујорк тајмс.
Четворицата мажи осомничени дека го извршиле нападот Русија ги идентификуваше како луѓе од Таџикистан.
Сега, Путин и неговите поручници покажуваат со прст кон Украина, обидувајќи се да го оттргнат вниманието од прашањето што би било главно кај секоја нација со независни медиуми и отворена дебата во нејзината политика: како огромниот руски разузнавачки и полициски апарат и покрај значајните предупредувања, не успеал да спречи еден од најголемите терористички напади во земјата во речиси четвртина век на власт на Путин?
Целосната слика сè уште е нејасна, а американските и европските функционери, како и експертите за безбедност и антитероризам, нагласуваат дека дури и во најдобри околности, со мошне конкретни информации и добро подмачкани безбедносни служби, тешко е да се попречат тајните меѓународни терористички планови.
Но тие велат дека овој неуспех најверојатно е резултат на комбинација од фактори, меѓу кои најважни се длабоките нивоа на недоверба, како во рамките на рускиот безбедносен естаблишмент, така и во неговите односи со другите светски разузнавачки агенции.
Тие, исто така, го посочуваат начинот на кој Путин си го присвои својот домашен безбедносен апарат за постојано да ги шири политичките репресии дома – како и неговиот фокус на крстоносните војни против Украина и Западот – како дефокусирање што веројатно не помогнало.
Овој извештај за рускиот неуспех да го спречи нападот на концертот се заснова на интервјуа со американски и европски безбедносни претставници, безбедносни експерти и аналитичари специјализирани за меѓународните разузнавачки вештини, вели Њујорк тајмс. Многумина зборувале под услов да останат анонимни за да разговараат за деликатните разузнавачки детали.
„Проблемот всушност е што за да можете да спречите терористички напад, треба да имате навистина добар и ефикасен систем за споделување и собирање разузнавачки информации“, вели Андреј Солдатов, експерт за руското разузнавање, кој нагласува дека е потребна доверба во рамките на домашната агенција, како и со агенциите од други земји, како што е добрата координација. „Тука ви се проблемите“, вели тој.
Проширена дефиниција за екстремист
Путиновата дефиниција за поимот екстремист почна да се проширува уште пред неговата инвазија на Украина во почетокот на 2022 година.
Агенцијата што е главно одговорна за борбата против тероризмот во Русија се нарекува Втора служба, гранка на Федералната служба за безбедност или ФСБ. Таа некогаш се фокусираше на исламистичките екстремисти, бандите убијци и домашните неонацистички групи.
Но откако Путин ги зајакна политичките репресии дома, нејзиниот список на цели се зголеми и ги вклучи опозициските фигури како Алексеј А. Навални, кој почина минатиот месец во руски затвор, и неговите поддржувачи, како и ЛГБТК-активистите за права, Јеховините сведоци, мировни активисти и други критичари на Кремљ.
Бројот на организациите поврзани со исламисти во регистарот на екстремистички организации наведени од руската Федерална служба за финансиско следење е намален од 2013 година. Во исто време, беа додадени стотици организации поврзани со Јеховините сведоци, чиј главен штаб е во Соединетите Држави и ФСБ го гледа со сомнеж.
Безбедносните експерти велат дека проширениот фокус ги троши ресурсите и го одвлекува вниманието на високите лидери.
Шефот на Втората служба, на пример, сѐ повеќе беше вклучен во области далеку од антитероризмот; во 2020 година, според владата на САД, тој и неговата ФСБ-гранка биле вклучени во труењето на Навални.
„Генерално, ФСБ е политичка полициска сила и како таква се занимава со проблемите на Кремљ“, вели Марк Галеоти, специјалист за безбедносните операции на Русија и висок соработник на Кралскиот институт во Лондон. „Во моментов, владата најмногу се занимава со политички дисиденти и украински саботажи, така што тоа се приоритетите на ФСБ“.
Русија е еден од главните воени поддржувачи на противниците на Исламска држава на Блискиот Исток, меѓу кои е и сирискиот претседател Башар ал Асад, што ги прави руските интереси клучна цел на исламистичката екстремистичка група. Но, како што вели еден европски безбедносен функционер, Русите се насочени кон „фиктивни закани“ наместо кон вистинските.
Сепак, американските и европските претставници велат дека руските службеници што ги следат исламистичките екстремисти имаат своја единица во Втората служба, која остана стабилно екипирана и финансирана, и покрај оптовареноста на безбедносните служби со засилената домашна политичка репресија и војната против Украина.
Неуспехот да се спречи нападот веројатно е резултат на комбинација од други фактори, вклучително и заморот по „вонредната будност“ во периодот пред неодамнешните претседателски избори во Русија, вели претставник на европската безбедност што ги следи активностите на руските разузнавачки служби.
Исто така, постојат докази дека руските власти сепак реагирале на предупредувањата овој месец, барем во почетокот.
Зголемена безбедност
На 7 март, ден откако станицата на ЦИА приватно пуштила предупредување до Русите, ФСБ објави дека убила двајца Казахстанци југозападно од Москва, притоа спречувајќи напад на ИСИС-Х врз синагога во главниот град. Американските власти мислеа дека таа рација веројатно е знак дека руските власти почнуваат да дејствуваат, вели Њујорк тајмс.
Јосиф Пригожин, познат руски музички продуцент, се сеќава дека тој и неговата сопруга, руската поп-ѕвезда Валерија, кои месецов настапиле во Крокус сити хол, во почетокот на март забележале дека безбедноста на локацијата е зголемена; чуварите ги проверувале чантите и несесерите на луѓето и преземале други мерки што тој таму не ги видел претходно.
„Дури му се јавив на генералниот директор и му реков: ‘Слушај, што се случува? Да не очекувате некои високи гости?’“, рекол Пригожин за Њујорк тајмс. „Тој рече: ‘Јосиф, ќе ти кажам подоцна.’ Не кажа ништо по телефон. Само рече дека е неопходно – и тоа е тоа“.
Отприлика во исто време, персоналот на салата бил предупреден за можноста од терористички напад и добил инструкции што да прави при таков настан, вели Ислам Калилов, 15-годишен студент што ноќта на нападот работел во гардеробата, во интервју објавено на Јутјуб.
Еден од омилените пејачи на Путин, Григориј Лепс, настапуваше таму на 8 март. Шаман, пејач чиј про-Кремљски џингоизам го катапултираше до популарноста во екот на воениот жар, требаше да излезе на сцената еден ден подоцна.
Но и покрај засилените безбедносни мерки не бил откриен еден од напаѓачите, Шамсидин Фаридуни. Вработените во музичката сала, зборувајќи за руските медиуми, се сеќаваа дека го виделе Фаридуни на местото на концертот на 7 март. Низ руските медиуми кружи фотографија од него во светлокафеав капут на таа локација.
Александар В. Бортников, директорот на ФСБ, во вторникот јавно нагласи дека информациите што ги дале Соединетите Држави се „од општа природа“.
„Реагиравме на оваа информација, се разбира, и презедовме соодветни мерки“, рече тој, истакнувајќи дека активностите што ФСБ ги презела по најавата не го потврдиле предупредувањето.
Противничките односи меѓу Вашингтон и Москва ги спречија американските функционери да споделат какви било информации за заканата освен неопходните, од страв дека руските власти би можеле да ги дознаат нивните разузнавачки извори или методи, вели Њујорк тајмс.
Во своето јавно предупредување од 7 март, американската амбасада рече дека ризикот од напад на концертното место во Москва е акутен во следните 48 часа. Официјални лица велат дека е можно руските власти силно да се заангажирале во периодот на предупредување од 48 часа, но подоцна да станале поопуштени и понедоверливи кога не се случил напад.
Не е јасно дали американските разузнавачи го згрешиле времето на нападот или екстремистите го одложиле својот план откако виделе зголемена безбедност, вели Њујорк тајмс.
Во следните денови, во внатрешните руски разузнавачки извештаи – за кои Досие-центарот вели дека стигнале и до рускиот Совет за национална безбедност – конкретно се предупредувало за заканата што Таџикистанците радикализирани од ИСИС-Х ја претставуваат за Русија. Во извештајот се укажувало на вмешаноста на Таџикистанците во спречените напади во Европа и нападите во Иран и Истанбул во последните месеци. Во известувањето не се спомнуваат предупредувањата од Западот или можен напад во Москва, вели Њујорк тајмс.
„Должност да се предупреди“
Кога приватно ја известила Русија за потенцијалниот терористички заговор, ЦИА се придржувала до упатствата од 2015 година познати како директиви за „должност да се предупреди“, барајќи од разузнавачката служба да ги информира „американските и неамериканските лица“ за конкретни закани насочени кон „намерно убиство, сериозни телесни повреди и киднапирање“.
Овие директиви се релативно ретки, но САД се обврзани да ги издаваат, дури и на противниците, и тоа го направија и со талибанците во Авганистан и со иранската влада изминатава година. Предупредувањата обично не се објавуваат во јавноста освен ако американските власти не помислат дека заканата може да влијае на американските граѓани, што беше случај во Москва.
Путин, и во 2017 и во 2019 година, ѝ се заблагодари на американската влада за давањето информации што ѝ помогнаа на Русија да спречи терористички напади во Санкт Петербург. Но аналитичарите велат дека сличен гест би бил невозможен во лошите услови што тој ги создаде откако ја нападна Украина.
Соединетите Држави многу внимателно ги следат активностите на ИСИС-Х во последните месеци, рекле високи претставници. Во текот на мониторингот, кој вклучува електронски пресретнувања, луѓе-информатори и други средства, американските оперативци собраа прилично конкретни информации за план за напад во Москва, изјавија официјални лица.
Експертите велат дека руските разузнавачки служби традиционално се фокусирани на домашните терористички закани што произлегуваат од сепаратистичките и верските екстремистички групи во рускиот регион Северен Кавказ. Големите терористички напади на руско тло што им се припишуваат на меѓународните групи како Исламска држава или Ал каеда се ретки, а руските домашни безбедносни служби имаат помалку искуство во следењето на тие закани и се помалку вешти да навлезат во централноазиските екстремистички ќелии.
Во деновите по нападот, Москва за предупредувањето на Вашингтон му возврати со тврдење дека тоа треба да се третира како доказ за можно американско соучесништво.
Бортников, директор на ФСБ, во вторникот рече дека исламистичките екстремисти не можеле сами да го изведат нападот. Тој, меѓу другите, ги обвини и САД.