четврток, 27 февруари 2025

Никнува мини НАТО: Европа создава безбедносен сојуз, осум земји кажале „да“, се чекаат две сили

Фридрих Мерц, победникот на изборите и веројатно новиот германски канцелар, го привлече вниманието со првите изјави давајќи до знаење дека планира да дејствува брзо и радикално. Тој кажа дека со нетрпение го очекува самитот на НАТО во јуни додавајќи дека „прашањето е дали тогаш воопшто ќе можеме да зборуваме за НАТО во сегашната форма или ќе мораме уште побрзо да воспоставиме европска одбранбена способност“,

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Аугустин Палокај, дописникот на Јутарњи лист од Брисел, пишува дека во НАТО не забележале „знаци дека Соединетите Американски Држави значително би го смениле своето присуство во Европа или приврзаноста на обврските во НАТО“. Точно, американскиот претседател Доналд Трамп сака да дејствува брзо за што побрзо да спроведе што повеќе од своите одлуки, но во некои случаи е ограничен од процедурите и протоколите, како во НАТО.

Таму се веројатно запознати со плановите на Трамп кога станува збор за новиот одбранбен буџет само не се спремни за тоа да зборуваат. Вашингтон пост објави дека Пентагон ќе ги намалува трошоците за одбранбената политика да биде во согласност со барањата на доктрината на Трамп МАГА (Да ја направиме Америка повторно голема)/

Трошоците не смеат да се намалуваат на операциите поврзани со границата со Мексико и модернизацијата на нуклеарното оружје и противракетната одбрана (американскиот претседател сака сопствен систем за одбрана како израелската „Железна купола“). Кога станува збор за одбранбените трошоци надвор од земјата, мора да се продолжи финансирањето на Индо-пацифичката и вселенската команда.

На листата не се наоѓа Европската команда на која, значи, може да ѝ се укинат средства. Ако и имаше сомнеж во плановите на администрацијата на Трамп, буџетските насоки ги откриваат. Мерц е во право., Европа мора да преземе одговорност за својата безбедност, вклучувајќи ја Украина.

Поради тоа тој најави отворање преговори со социјалдемократите (СПД), веројатните коалициски партнери, итно, пред конституирањето на новиот Бундестаг (долниот дом на германскиот парламент), да се изгласа одобрување на посебни одбранбени трошоци во вредност од 200 милијарди евра. Во кампањата тој најавуваше дека планира вложувањата во одбраната да ги крене на 3 отсто од БДП, а сега се на раб на два отсто.

Сериозноста на ситуацијата ја истакна и Каја Калас, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, која по состанокот на советот на министри во понеделникот кажа дека изјавите кои стигнуваат од САД се „загрижувачки“,  истакнувајќи дека „НАТО е одбранбен сојуз кој постои за одбрана на сите членки“. Тоа е поставка која е контроверзна, вели професорот Мирко Биланџиќ за Јутарњи лист. „политиката на претседателот Доналд Трамп, наместо кон трансатлкантизмот, е свртена кон трансакционализмот“.

Со други зборови, наградување на земјите со најголем процент на издвојувања за одбраната и казнување на оние кои премалку трошат со прераспределба на американските сили во Европа, што ќе резултира со безбедносен однос кој повеќе се темели на билатерализам наместо на (НАТО) мултилатерализам“.

Таквиот пристап го потврди и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кој, за време на неколкудневниот престој во Европа, ја посети само Полска која троши повеќе од четири отсто на одбраната. Валдислав Кошњак Камиш, министерот за одбрана, тогаш кажа дека американските трупи нема да се повлечат од неговата земја.

Соочени со таквиот американски пристап, некои членки на Европската Унија размислуваат за јакнење на билатералните безбедносни врски со Вашингтон потпирајќи се на идеолошката блискост што доведува до неединство кое може да ги блокира егзистенцијалните одлуки. Полска, пишува геополитичкиот експерт Марта Прохвиќ-Јазовска за Монд, смета дека проблемот може да се реши со засилена соработка меѓу членките кои тоа го сакаат ширејќи ја надвор од ЕУ.

„Нордиските и државите од источното крило, најмногу загрижени за безбедноста, ќе мора да формираат ефикасна коалиција, да воспостават механизми на координација на оружените сили, да ги усогласат постапките и опремата“, наведува таа. Полската експертка смета дека импулсот би требало да дојде од Вајмарскиот триаголник (Полска, Германија, Франција), со можност за вклучување други членки. „За да се надминат поделбите во безбедносните прашања, Европа со повеќе брзини се чини неизбежна“, заклучува Прохвич-Јазовска.

Нејзините зборови веќе се спроведуваат, во Талин во понеделникот беше одржан видео состанок на министрите за одбрана, копретседаваа естонскиот министер Хано Певкур и францускиот Себастијан Лекорну, а учествуваа министрите на Литванија, Летонија, Норвешка, Финска, Шведска, Данска, Исланд, Холандија, Германија, Италија и Полска.

Покрај Норвешка и Исланд, се отвора место и за Британија која на состанокот ја покани Емануел Макрон.

Дополнителна потврда на зборовите на полската експертка е веќе постоечката група НБ6, во која се скандинавските (Н) и балтичките земји (Б), вкупно осум –  Данска, Естонија, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка и Шведска.

Во нивно име данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен во понеделникот во текст во Фајненшал тајмс напиша: „Бидејќи иднината на европската безбедност виси на конец, време е цела Европа да исчекори на тој план. станува збор за давање приоритет на безбедноста на Украина и Европа“.

Скандинавците и земјите на Балтикот не чекаат, со нив и Полјаците, најавуваат користење на средствата од европските фондови за одбрана, а Урсула фон дер Лаен, претседателката на Европската комисија најави ублажување на фискалните критериуми во случај на издвојувања за одбраната.

Ако на групата НБ8 ѝ се придружи Мерц се создаваат услови во кои би можела да се воспостави релевантна група европски држави со цел формирање одржлива одбрана со минимална американска гаранција.

Чекор понатаму би било претворање на предупредувањето на Мерц во предност, НАТО во кое водечката улога ќе ја имаат европски држави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ