недела, 13 октомври 2024

„Ние сме Европа“ – нов обид на власта да ги убеди граѓаните како членството во ЕУ ќе го заштити македонскиот идентитет

Објавено на

часот

Сподели

Во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), денеска беше промовирана кампањата „Ние сме Европа“. Кампањата е во организација на СЕП, во соработка со Владата.

„Ќе започнеме со активности со почеток на оваа кампања во Скопје на тема економија. Првиот настан ќе го отвори премиерот Ковачевски и тоа ќе биде на 30 август како официјален старт на кампањата наредната недела“, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната промоција на кампањата во просториите на СЕП.

Активностите, како што дополни, ќе вклучуваат посета, средби со целни групи кои се заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување.

„Во секој град истиот ден ќе се одржува и трибина на централно препознатливо место каде што ќе биде отворена за присуство на сите граѓани“, рече вицепремиерот.

Тој информираше дека кампањата е во рамки на напорите Македонија да ги исполни стратешките цели и но и да ја приближи стратешката цел на членството во Европската Унија до граѓаните.

„Целта на овие настани е да ги претставиме придобивките, неопходните реформи и начините како членството во Европската Унија ќе го заштити и зајакне македонскиот идентитет“, рече Маричиќ. 

На новинарско прашање во врска со анкетите кои покажуваат дека граѓаните се за членство во ЕУ, но исто толку граѓани се против францускиот предлог, Маричиќ одговори дека членството во ЕУ не е францускиот предлог. 

„Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет и тоа сакаме да го објасниме на граѓаните дека нас не чекаат многу задачи, но и многу придобивки на тој пат. Дека ова што го имаме сега со исполнувањето на францускиот предлог е само една задача која што на ниту еден начин не го загрозува нашиот идентитет, нашиот јазик. Напротив, помина една година откако тој предлог се усвои во Собранието. Ниту ние се бугаризиравме, ниту може тоа да се случи, ниту има каков било атак врз нашиот идентитет“, рече Маричиќ.

Прашан како го толкува делот од преговарачката рамка во кој пишува дека без разлика дали некое поглавје ќе биде затворено, доколку има назадување на процесите, тоа поглавје повторно ќе биде вратено, Маричиќ рече дека многу е поважно како да ги престигнеме државите во некои поглавја во новата методологија, отколку враќањето назад затоа што, како што рече тој, нема да има основа ако Македонија тргне на тој пат.

Маричиќ посочи дека тоа што е во преговарачката рамка е методологија која што важи за сите.

„Важи за нас, за Албанија, за Србија, за Црна Гора, за сите што во моментов преговараат. Јас очекувам дека на крајот на оваа година ќе се донесе одлука за преговори со Украина и Молдавија. Не би бил изненаден ако тоа се случи. Тоа значи дека ќе се дополнат уште две држави кои што ќе преговараат“, рече вицепремиерот.

Според него, правилото воведено со новата методологија, дека некое поглавје може да биде вратено доколку има назадување, е направено врз основа на минатите научени лекции од преговорите со Романија, Бугарија и Хрватска, дека државите кандидатки може и по исполнување на одредени услови во одредена точка, да покажат назадување во подоцнежната фаза. 

„Тоа е целта на правилото, да има гаранција дека државите членки и Европската Комисија имаат механизам за оние држави што назадуваат во одредени поглавја на некој начин да ги вратат назад. Тој механизам е тежок за активирање. Треба да се согласи Комисијата и треба да се согласат две третини од членките“, рече Маричиќ.

Но, според него, од тоа не треба да се плашиме доколку планираме да влеземе со целосна поддршка и целосни капацитети во евроинтеграцискот процес.

„Напротив, мислам дека треба да го гледаме како шанса. Бидејќи некои држави во регионот сигурно ќе имаат простор да се грижат за враќање назад, а ние треба да се грижиме како да го надоместиме загубеното време од 10 години кога Србија и Црна Гора веќе преговараат“, рече вицепремиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ