На вечерашниот протестен марш по Широк Сокак кој заврши на плоштадот Магнолија, Гиевски посочи дека е потребно час поскоро да се направи услогласување на платата согласно растот на минималната плата затоа што, нагласи тој, не може само НСОН во 2024 година да не добие порамнување на платата.
„Не се откажуваме од предвидениот рок за исплата на плата кој мора да биде до 10-ти во месецот затоа што така пишува во колективните договори. Не се откажуваме ниту од правата што се содржани во колективните договори и потребно е истите во целост да се почитуваат“, посочи Гиевски.
Тој побара и трансфомација на работниот однос од определено на неопределено време за членовите на Синдикатот.
„Апелираме сите институции да го почитуваат Општиот колективен договор, да се исплаќа јубилејна награда најдоцна до 31 декември, а ако не се почитуваат правата од потпишаните колективни договори, тогаш од 1 јануари 2025 година ќе покренеме постапки кои државата ќе ја чинат многу поскапо, рече Гиевски.