„Во секој случај Израел ќе ја задржи целосната безбедносна контрола над сите области западно од реката Јордан, вклучувајќи ги Западниот брег и Појасот Газа“, порача Нетанјаху.
Соединетите Американски Држави, клучниот сојузник на Израел, се повеќе повикуваат на решение со две држави, кои би вклучувало мирен соживот на Израел и палестинската држава. Вашингтон исто така се залага за решение со две држави како начин за завршување на сегашната војна во Газа и деценискиот конфликт на Блискиот Исток.
Од друга страна Нетанјаху, политичар на израелската десница, својата долга политичка кариера ја изгради на своето декларирано противење на решението со две држави. Неговата влада отфрли трајно мировно решение со Палестинците, кое би било наметнато со „меѓународен диктат“, а неговиот кабинет едногласно ја одобри декларацијата во таа смисла.
Нетанјаху кажа дека ваквиот потег следи по „неодамнешните разговори на меѓународната заедница за обидот на Израел еднострано да му се наметне палестинска држава“.
„Израел ќе продолжи да се противи на еднострано признавање на палестинска држава. Таквото признавање би било награда без преседан за тероризмот и би оневозможило постигнување каков било мировен договор во иднина“, се наведува во соопштението.
Нетанјаху реагираше на медиумските извештаи дека САД и други сојузници би можеле да признаат палестинска држава и без согласност на Израел.