среда, 11 декември 2024

Нетанјаху изјави во судот дека обвинувањата против него се океан апсурди

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави денеска во судот во Тел Авив дека обвинувањата против него се “океан апсурди”.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Осум години го чекав овој момент за да ја кажам вистината како се сеќавам на неа, што е важно за правдата. Но јас исто така сум премиер. Ја водам земјата низ војна на седум фронтови и сметам дека тоа може да се прави паралелно“, рече Нетанјаху.

Судот му даде на Нетанјаху можност да оди на итни паузи и да прима пораки за време на судскиот процес зашто тој е премиер и војната е во тек.

Тој изјави дека не се грижел за поволно известување во медиумите за себе и дека реалноста е сосема поинаква, па не е фокусиран на својата иднина туку на иднината на Израел. Тврди дека неговото семејство е соочено со „напади, клевети и лаги од такви размери какви што доживеале малку јавни личности на светот“ и дека по сè изгледа нема слични случаи во светот.

Нетанјаху е обвинет за измама, злоупотреба на положбата и примање мито во три одвоени случаи.

Седумдесет и петгодишниот израелски лидер е обвинет дека примил како подарок пури и шампањ во вредност од повеќе десетици илјади долари од холивудскиот продуцент, милијардерот Арнон Милхан, во замена за помош во лични и деловни интереси.

Во одговор на прашањето за тоа Нетанјаху оцени дека е тоа целосна лага и дека тој повремено пали пура, но дека мрзи шампањ, пренесоа агенциите.

Тој рече дека обвинувањата не само што се апсурдни туку и срамни.

Израелскиот лидер денеска дојде во судот во Тел Авив да прикаже докази во долгото судење за корупција.

Тој кажа дека работи 17 до 18 часа дневно и дека е зафатен со состаноци, особено во минатата година поради војната во Газа која и понатаму трае.

Тој ги одрече сите обвинувања велејќи дека тоа е „лов на вештерки“ што го водат непријателските медиуми и пристрасниот правен систем за да го симнат од власта.

Осврнувајќи се на истрагите по повод наводните обиди да ја искористи својата позиција за да се известува за него во медиумите позитивно рече дека бил зачуден.

Во вториот случај Нетанјаху е обвинет дека овозможил донесување прописи од кои би имал корист телекомуникацискиот могул во замена за позитивни написи за семејството на Нетанјаху на сајтот Вала.

Во третиот е обвинет дека се обидел да постигне спогодба со издавачот на тиражниот весник Једиот ахронот од иста причина, во замена за пропис што би го ослабел главниот ривал, весникот Израел хајом.

Нетанјаху изјави дека верува во „слободен пазар на мислења, па дека две третини од израелската јавност се дефинираат себеси како десничари, а 90 отсто медиуми се левичарски“, пренесоа израелските медиуми.

Тој е првиот актуелен премиер што се брани од обвинувања за кривично дело и долго се обидуваше да го избегне денешниот ден, а денеска кажа дека ја поздравува можноста да даде докази.

Облечен беше во син костум и бела кошула со израелско знаме на едниот ревер и со жолта лента, симбол на израелските заложници во Газа, на другиот. Нетанјаху изгледаше сериозно и малку уморно и се поздравуваше со министрите и пратениците кои дојдоа да го поздрават кога се појави.

Неговиот адвокат Амит Хадад го критикуваше обвинението велејќи дека израелската полиција не го истражувала злосторството туку личноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ