недела, 13 октомври 2024
АНАЛИЗА

Неодржлив пензиски систем, на двајца вработени – еден пензионер

Објавено на

часот

Сподели

Да за подобар пензионерски стандард, но и за одржлив пензиски систем!

Најавата на власта за 6% раст на пензиите предизвика реакции кај пензионерите – преку протести бараат линеарно зголемување за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. Што точно ова значи за буџетската каса? Само зголемувањето од 56,7 евра за 337.054 пензионери годишно би ја чинело државата 229 милиони евра, односно еден пензионер за 12 месеци би добил 680 евра.

Овие суми според дел од економистите не се наивни и мора да се анализираат во контекст на вкупната економија. Без нови работни места кои ќе ја полнат касата на ПИОМ и на другите фондови, новите финансиски оптоварувања можат да бидат ризични.

„Да не се заборави дека Фондот за ПИО и понатаму дефицитно се финансира, односно се врши негово капитализирање преку буџетот на товар на даноците и другите јавни давачки што ги плаќаат сите граѓани. Имено, ако дојде до економски неоправдано зголемување на пензиите, ќе се зголеми дефицитното финансирање од буџетот, што за ефект ќе има зголемување на даночниот товар за сите граѓани. Со ваквата поврзаност на јавните финансии, парите што ги бараат пензионерите за своите внуци сега, ќе ги отплатуваат нивните внуци во иднина“, смета даночниот експерт и економист Павле Гацов.

Според сегашната методологија корекција на пензиите се прави по два основи, во однос на порастот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечната плата во висина од 50%, а усогласувањето се врши два пати годишно, на 1 март и на 1 септември. Една од поранешните директорки на ПИОМ, Билјана Јовановска вели дека висината на пензијата најмногу зависи од висината на платениот придонес, а потоа и од работниот стаж, при што може некој со пократок стаж да зема повеќе од некој со подолг стаж, ако првиот на пример уплаќал придонеси на 120.000 денари плата, а вториот на 18.000 денари.   

Низ годините се менуваше коефициентот, секоја година се намалува основицата за пресметка. Има повеќе одлучувачки моменти, затоа законот предвидел различни износи од-до. МТСП не излезе со статистики, колку стаж имаат пензионерите до 15.000 денари пензија, а на кој износ им се платени придонесите? Исто така колку години имаат работен однос, а од нив колку платен стаж? Зошто не им е платен стажот и кој го дозволил тоа? Доколку се одлучи минималната пензија да биде, на пример 18.000 денари, сите пензии ќе пораснат за околу 6.000 денари. Ова се однесува на одредбите за остварување на право на пензија. И ова нема да значи усогласување, зголемување по 6.000 денари двапати или повеќе пати годишно. Тоа е друг момент кој се регулира со други одредби во законот“, вели Јовановска.

Според експертите дилема отвора и барањето за линеарно зголемување на пензиите – без разлика кој пензионер колкав износ на придонеси плаќал во тек на работниот стаж.

„Пензијата не е социјална, туку економска категорија, и висината на пензијата зависи од висината на уплатениот социјален придонес за времетраење на целокупниот работен стаж на осигуреникот, односно висината на пензијата зависи од висината на уплатениот пензиски придонес. Согласно со Законот за ПИО зголемувањата на пензиите не може да се врши линеарно“, оценува Гацов.

Според Јовановска најавеното зголемување на пензиите за 6% нема да предизвика дополнителни импликации ако планираната сума се распредели линеарно на пензионерите, но како процентуален износ различно ќе се одрази врз пензиите. 

„Процентуалното усогласување од 6% на пензија од 60.000 денари и 6% на пензија од 13.000 денари не е исто. Секоја одговорна власт треба да носи законско решение кое во моментот е најдобро за животниот стандард и реалните потреби на пензионерите. Сега треба да се гледа големата слика, не само слепо да повторуваме дека таков е законот“, вели Јовановска.

На крајот од јуни просечната пензија во земјава изнесувала 19.106 денари.

                                       Висина на пензија

Износ на пензија                                           Процент на пензионери

До 13.300                                                              28,56%

Од 13.301 до 16.000                                           18,03%

Од 16.001 до 22.000                                           25,80%

Над 22.001                                                            27,61%

Речиси една третина од пензионерите имаа пензија до 13.000 денари, а околу 53% од 16.000 до 22.000 денари.  Долго време експертите предупредуваат на ризици од неодржливост на пензискиот систем. Еден од клучните показатели е односот меѓу бројот на вработени, односно оние кои ја полнат фондовската каса, и бројот на пензионери, кои земаат пензија од фондот. Конкретно според последните објавени податоци од Заводот за статистика во земјава има 683.242 вработени, што значи дека на двајца вработени има еден пензионер, што не се смета за одржлив сооднос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ