„Возачот добил изгореници, кои се третирани во локалната болница. Во непосредна близина, се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, кој поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и на пат се кон Северна Македонија“, се наведува во соопштението од МНР.
Министерството за надворешни работи воедно, посочува дека со загриженост и внимание ја следи актуелната вонредна состојба во Грција, настаната како разултат на последните шумски пожари, кои резултираа со човечки жртви и други големи загуби.
„Во оваа прилика, би сакале да изразиме сочувство до семејствата на загинатите и да им посакаме брзо закрепнување на повредените“, наведуваат од МНР.
Министерството преку Амбасадата во Атина и Генералниот конзулат во Солун, се посочува, одблиску ги следи состојбите и останува во тесна комуникација со грчките надлежни институции и македонските државјани. Доколку има нови информации, дополнително ќе ја известат јавноста.
Воедно, апелираат до македонските државјани, доколку се наоѓаат во погодените подрачја и имaaт потреба за помош, да ја контактираат нашата Амбасадата во Атина, преку следните СОС телефонски броеви: 00302106749585 / 00306944743071, Генералниот конзулат во Солун на +30 698 720 0410 или Министерството во Скопје на +389 75 273 732.