„Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во тој процес, бидејќи како што знаете имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови седми по ред, во последните три години предвремени парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа им го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати, коментирани многу пати до сега“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој синоќа во интервју за Алсат потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и таму ќе биде соопштен владиниот став по однос на уставни измени со одложено дејство.
„Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме, ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема… Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение“, рече синоќа премиерот Мицкоски.