Во периодот јануари-јуни работниците на претпријатието подигнаа и транспортираа вкупно 2.500 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје. Интервенирано е во сите скопски општини, велат од комуналното претпријатие и нагласуваат дека ваквите диви депонии практично не се нивна обврска.
„Основната дејност на ЈП Комунална хигиена-Скопје е собирањето и транспортот на комуналниот отпад од домаќинствата и правните субјекти, коишто континуирано се реализираат седум дена во неделата, согласно оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Покрај своите редовни активности, екипите на претпријатието се секојдневно максимално ангажирани за извршување вонредни акции, како што е расчистувањето диви депонии коишто настануваат како резултат на непрописното и несовесното одлагање отпад на јавните и на сообраќајните површини“, нагласуваат од претпријатието.
Во оваа насока, од претпријатието апелираат до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнерите, кантите или корпите за отпадоци.
Фотографиите се лоцирани на следните улици: Лука Геров, Борис
Сарафов и Христо Батанџиев во скопската општина Ѓорче Петров, Даме Груев
во општината Центар, улиците Митрополит Теодосиј Гологанов, Јуриј
Гагарин и булеварот Партизански одреди во скопската општина Карпош.