понеделник, 9 декември 2024

Нема гаранции дека нема да има нови барања на патот на Македонија кон ЕУ, признаваат извори од Брисел

Европската Унија (ЕУ) е свесна дека условот со уставните измени што ѝ се наметнува на Македонија за да може и официјално да ги отпочне преговрите за влез во Унијата е „многу специјално прашање“, но земјите членки имаат право на вето и затоа никојн не може да даде гаранции да се даваат како би се одвивал процесот и дека во иднина нема да има нови барања од Македонија, велат извори од Европската Унија за МКД.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Соговорниците со кои разговараше МКД.мк во Брисел и во Стразбур, двата центри на Европската Унија (ЕУ) велат дека во овој момент има две причини зошто Унијата мора да балансира во односите со Бугарија која ја условува Македонија со ставање на бугарското малцинство во македонскиот Устав за да може земјата да ги почне преговорите до ЕУ.

ЕУ мора да биде трпелива со Бугарија

Според нашите извори првата причина е тоа што во Бугарија долго време нема политичка туку техничка Влада па оттука нејасно е со кого ќе разговара и Македонија и ЕУ. Втората причина е што доколку Унијата ја притисне Бугарија, оваа членка на ЕУ и сосед на нашата земја може лесно да се сврти кон Русија што за Европската Унија во овој момент е непосакувана ситуација.

„Има малку трпение во моментов кога една земја членка користи билатерални карти против друга. Такво нешто не пречеше многу во минатото, но сега е во центарот на вниманието на сите. Нема гаранции за преговорите и секој од кандидатите за членство во некој момент се соочувал со некаков чекор од соседите, земји членки. Но, има барања и барања и на некои може да се одговори, а на некои не. Ако се одблокира процесот, тоа ќе биде огромен чекор за земјата и за јавната администрација бидејќи влегувате во друга фаза“, порачува извор од ЕУ.

Според истиот, Македонија направила многу повеќе отстапки од која било друга земја, но тоа не треба да биде причина земјата да ја изгуби целта околу преговорите.

Поради сето ова и во Стразбур и во Брисел потврдуваат дека надвор од официјалните активности, се прават напори да се изнајде, како што велат, креативно решение за да се одблокираат преговорите. Сепак, тие креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година. Уставните измени со одложено дејство како што бара македонската Влада не се дел од тоа креативно решение и не се опција. Впрочем тоа го кажа и новоназначениот известувач за Македонија од Европскиот парламент, Томас Вајц на средба со македонските новинари во Стразбур.

„Се сомневам дека барањето на македонската Влада за уставни измени со одложено дејство, би можеле да поминат. Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство. Треба да се најдат гаранции дека нема да има натамошни блокади. Во моментов не го знам точното решение, но за пет до шест месеци може да се каже поконкретно решение“, рече на средба со македонските новинари, Вајц.

За новата еврокомесарка Кос нема дилема околку уставните измени

И новата еврокомесарка за проширување на ЕУ, Марта Кос беше директна и јасна дека ЕУ од Македонија очекува промена на Уставот, или како што рече таа, ништо повеќе, ништо помалку.

Ваквата изјава на Кос не ѝ се допадна на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која вчера од Црна Гора порача дека ѝ забележува на Кос за дикцијата во однос на очекувањата за уставните измени.

„Искрено имам забелешка на дикцијата на новата еврокомесарка, бидејќи кога рече, ‘ништо помалку и ништо повеќе’, тоа ми личи како на нешто што е познато ‘земи го или остави го’. Тоа не е филозофија. Тоа мене ми личи на софистицирано евромандаринство. Тоа мене ме плаши, дикција која значи директно мешање во внатрешните работи“, изјави вчера Сиљановска Давкова одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со нејзиниот црнороски колега, Јаков Милатовиќ.

За Карло Реслер, претседавач на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија пак, актуелни геополитички околности едноставно нема место за билатерални уцени.

„Станува збор за ситуација што постои неколку години и која едноставно ги нарушува односите не само помеѓу Бугарија и Северна Македонија, туку за жал во еден поголем дел влијае и на македонскиот пат кон Европската Унија. Она што е важно да се направи и што ќе се обидеме ние да го направиме од позиција на Делегација за односи со Северна Македонија е да ја релаксираме ситуацијата, да се обидеме со сите колеги да разговараме, бидејќи на крај е јасно дека јас не можам сега да понудам решение за билатералните проблеми што очигледно постојат и кои очигледно ги оптоваруваат билатералните односи. Мораме заедно да работиме низ еден отворен и конструктивен дијалог да дојдеме до решение, а во тој контекст европските институции, особено Европскиот парламент мора и ќе биде од корист“, изјави Реслер.

ЕУ бара „креативно“ решение за Македонија, ама никој не знае какво 

На два дена пред стартот на новиот состав во Европската унија, никој не знае како ќе изгледа тоа креативното решение со кое Македонија ќе може да ги продолжи преговорите за членство.

Идната недела требаше се одржи средба на новиот претседател на ЕУ, Антонио Кошта, со лидерите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, а на средината на декември ќе се одржи самитот на ЕУ со Западен Балкан.

Според изворите на МКД.мк од Брисел императив на ЕУ е да се комплетира за да биде обединета, а тоа ќе го покаже со тоа што најверојатно две земји до 2027 година ќе бидат примени во ЕУ. Бриел не открива кои се тие две земји, но сѐ поизвесно е дека една од нив ќе биде Црна Гора.

Што се однесува до Македонија, од разговорите со соговорниците на МКД.мк во Стразбур и Брисел, ЕУ иако декларативно сака да ја види земјата во Унијата, сепак пораките што ги праќа се нејасни. Единствено што засега е јасно е дека уставните измени со одложено дејство не се опција како што бара македонската Влада и дека Македонија мора да работи на изготвување на Акцискиот план како дел од патоказите предвидени во преговарачката рамка за влез на Македонија во европското семејство.

Сепак изворите на МКД.мк од Брисел уверуваат дека пораката дека проширувањето е повторно на агенда, е реална порака.

„Зборуваме за конкретни датуми и за конкретни планови“, порачуваат во Брисел.

Во таа смисла е и вчерашната изјава на шефот на Делегација на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас. Тој на прес-конференција во Битола нагласи дека очекува овој пат и Европската унија да може да испорачува резултати со забрзана динамика.

„Од новиот состав на Европската Комисија треба да очекувате многу напорна работа. Процесот на проширување на Европската унија е врвен приоритет за самата Унија. Како сведоштво или како доказ за тој врвен приоритет е тоа што имаме комесар за проширување, а имаме и политички директор кој што ја има функцијата за проширување. Значи ги имаме сите алатки на раполагање и треба да ги ставиме во дејство од првиот ден на работата на новиот состав на Европската комисија. Ние како Делегација на ЕУ заедно со мојот тим и сите други членки на ЕУ тука присутни, остануваме посветени на самиот напредок за да може да ги искористиме сите можности кои ЕУ ги нуди. Имаме на располагање различни финансиски механизми, како што е Планот за раст и исто така реформската агенда на самата Влада. Очекувам ние како ЕУ, овој пат да можеме да испорачуваме резултати со многу забрзана динамика“, истакна Рокас.

Она што ги загрижува властите во ЕУ е дека неусвојувањето на уставните измени ќе има сериозно влијание врз владеењето на правото, на борбата против корупцијата и на другите реформи кои се клучни за влез на Македонија во Европската Унија.

Од Брисел за МКД.мк, Искра Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ