Кога Кристијано Роналдо реши да го напушти Манчестер јунајтед и да се пресели во Саудиска Арабија, многумина се чудеа на потегот на Португалецот и посочуваа дека тоа го прави само поради парите и можноста да заработува 200 милиони евра по сезона.
Но ова лето голем број на звучни имиња се решија на ист чекор, последен е Нејмар, кој направи трансфер во Ал Хилал во зделка (околу 140 милиони евра сосе бонуси) која беше рекордна и за ПСЖ и за Саудиска Арабија.
„Кристијано Роналдо беше пионер во сето ова, кога се пресели тука сите велеа дека е луд, дека е ова, дека е она… а погледнете што се случува сега. Првенството на Саудиска Арабија бележи прогрес од ден во ден“ – вели Нејмар.
„Многу сум возбуден и среќен што пристигнувам во ново првенство. Ова е ново искуство за мене, нов предизвик. Секако, сакам да испишам нова историја“.
„Тука сум да помогнам првенството да продолжи да напредува. Работите веќе се менуваат на големо, пристигнаа многу засилувања и верувам дека првенството ќе биде конкурентно особено откако беа донесени сите тие нови играчи во овој трансфер период“.
„Очекувам Ал Хилал да има одлична сезона и да ги оствариме целите“.
Бразилецот потоа додаде: „Ќе биде интересно да се игра против топ фудбалерите од другите екипи. Ве мотивира да прикажувате уште подобри партии, ќе сакате додатно да се докажете против Роналдо, Бензема или Фирмино. Средбите против нив ќе бидат возбудливи и фантастични“.