Комерцијална банка понуди на сите акционери на Стопанска банка Битола да ги откупи нивните акции по цена од 3.200 денари за акција.
„Понудата за преземање беше прифатена од 149 сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 176.154 обични акции, односно 45,0548 отсто од сите акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
Понудата за преземање се однесуваше на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
Во понудата за преземање, прагот на успешност, односно најмалата количина обични акции која требаше да биде прифатена за да се смета за успешна понудата за преземање беше определена на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 отсто плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
Со оглед на тоа што прагот на успешност не е постигнат, понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје се смета за неуспешна. Причина за неуспешност е тоа што не се изјаснија позитивно по однос на понудата на банката доволен број акционери кои поседуваат обични акции со право на глас, односно во законски утврдениот рок до 22 септември 2024 година не дадоа изјава за прифаќање на понуда за откуп по цена од 3.200 денари по акција“, се вели во објавата од Комерцијална банка на Берзата.