Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави имињата на експертите од академската фела кои се занимавале со уставна проблематика во пракса.
„Во однос на комисијата, таа веќе е во процес на формирање во Министерството за правда, кое ги објави експертите од политичките партии. Во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите кои доаѓаат од академската фела, доминатно и од стручната, односно оние кои се занимавале со уставната проблематика во пракса и откако тоа ќе го направи Министерството за правда, ќе започне практичната работа на Комисијата која треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура“, рече Ковачевски на прес-конференција во четвртокот.
Во однос на барањето на Македонците – муслимани да влезат во Уставот, премиерот рече дека тоа исто така ќе биде работа на комисијата, бидејќи не се работи само за едно барање, туку за повеќе барања.
Постапката за уставни измени, според Ковачевски, треба да почне и тој верува дека Собранието има демократски капацитет за овој процес. Во однос на противењето на опозицијата за уставните измени, Ковачевски вели дека опозицијата многу често ги менува своите ставови.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да не е релевантен да зборува за тоа прашање, а и многу често ги менува своите ставови. Прво кажуваше дека го поддржува Договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени“, изјави Ковачевски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено во Скопје, рече дека уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот.
„Така што и за комисијата, што е формирана во Министерството за правда, ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, после запирката пред други, треба да се впишат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се впишани другите“, рече Османи, во одговор на новинарско прашање во врска со одредени изјави кои доаѓаат од Бугарија, коишто се толкуваат дека Бугарите треба да бидат впишани како македонски Бугари во Уставот.
Османи се осврна и на наводното барање Софија да биде вклучена во процесот на впишувањето на Бугарите во Уставот.
„Тука сакам да се надоврзам на тоа дека имаше одредени шпекулации дека Милков во НАТО барал од мене да бидат дел од комисијата. Сакам и тоа да го расчистам бидејќи немав прилика. Тоа што Милков ми го кажа на церемонијата за подигање на финското знаме, беше дека наводно слушнале шпекулации и дека ние сме презентирале на одредени држави формулации за уставните измени бидејќи сакаат и тие да бидат информирани исто така, за да нема недоразбирање. Тоа беше неговиот коментар, на што јас му одговорив дека прво, не е точно дека некому сме презентирале затоа што комисијата се уште не е состаната. Второ, дека не може да има недоразбирање, затоа што точно во Протоколот стои како ќе изгледаат уставните измени, и во кои делови од Уставот, и трето, дека ќе има јавна дебата за тоа, па сите ќе бидат подеднакво информирани“, рече Османи.
Партиите за членови во работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.
Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Ова работно тело е задолжено од Владата да ја подготви Предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минатата недела при посета на Зрновци на прашање од новинарите за негов коментар за уставните измени, повтори дека за него тоа е завршена работа и нема што да коментира.