петок, 13 декември 2024
По кривичната пријава од МВР

Не сум го украл апаратот за ехо, шокантно е да гледам лаги на вести, вели Трпески

Шокантно и погубно за мојата репутација е на вести да гледам лаги, дека полицијата ми нашла украден ехо-апарат дома, а ехо-апаратот никогаш не ги има напуштено просториите на болницата, ниту пак полиција дошла кај мене дома, вели Станко Трпески, поранешниот директор на болницата во Кичево, откако МВР поднесе кривична пријава дека „додека бил директор неовластено присвоил дониран ехо-апарат од болницата“.

Објавено на

часот

Сподели

За „Слободен печат“ Трпески вели дека апаратот никогаш според неговите сознанија, не ја напуштил болницата во Кичево и ова го смета за политички исценирана хајка, која има за цел да му ја наруши репутацијата.

„Тој апарат е голем колку врата, а во целата болница има камери. На ехо-апаратот има баркод и во која било здравствена установа да завршел, би бил најден. Ниту сум го зел, ниту ми е потребен“, изјавил доктор Трпески.

„Не ми е филозофијата да расипам нешто, туку да направам нешто. И тоа не му одеше во прилог на некого. Во времето на моето директорување е набавен прв лапароскоп, првото ехо на гинекологија. Конкретниот ехо-апарат за кој ме гонат, во мое време си беше во магацин. Не беше ни отворен, тоа е пакет голем како фрижидер. Не знам дали излегол од болницата, ама според моите сознанија ехо-апаратот никогаш не ја напуштил болницата туку е цело време наоѓан, од еден во друг, во трет магацин. Ова е крими филм, што се обидуваат да ми го направат“, вели тој.

Запрашан зошто апаратот не бил во употреба, тој вели дека двајцата доктори што требало да го користат, биле во Скопје на едукација односно на специјализација и супспецијализација и затоа апаратот не се користел во времето на ковид пандемијата, а и дополнително – во времето на ковид сите други редовни програми биле во мирување.

„Од технички причини апаратот не беше ставен во употреба. Со овој ехо-апарат се прави ехо томографија на срце и на штитната жлезда. Двајцата доктори што требаше да го користат беа на специјализација и затоа не беше ставен во функција. На датумот кој се наведува во соопштението на МВР, јас сум бил на конгрес во Солун, сум користел одмор. Не е во моја надлежност да го чувам тој апарат откако сум ја предал функцијата. Според моите сознанија, од „рекла-кажала“ што ги слушам низ болницата, апаратот бил прво во еден магацин, па во втор, па во трет. Па кога се вратив од пат го нашле на четврто место. Годинава на 7 август јас направив примопредавање во болницата на нов директор и заминав на одмор и на конгрес во Солун. Додека бев на конгрес ми се јавија дека им се расипало ехото. Јас им реков, имате уште два ехо-апарати во болницата. Епа ги нема велат. После дознав дека го нашле, кога се вратив од Солун“, вели Трпески.

МВР вчера информираше дека Трпески има кривична пријава зашто „од 08.07.2021 до 07.08.2024, во својство на директор на ЈЗУ Општа болница – Кичево, со намера да се стекне со противправна имотна корист, неовластено присвоил ехо апарат M9 Mindray, кој му бил доверен во службата, како донација од Министерство за труд и социјална политика во вредност од 2.134.482 денари“.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ