петок, 13 декември 2024
Html code here! Replace this with any non empty raw html code and that's it.
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Не ја бива!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север

Уште од своето постоење кое е старо колку и умот (и безумието, кое умот нужно го придружува и му го осветлува патот), Метафизичката управа води војна против стварноста како закана за демократијата и основното човеково право дека вистината мора да биде тоа што некој си го увртил во главата, а не тоа што е предмет на општото човечко восприемање и истовремено постои надвор од него и како такво е стварно – или народски кажано „си прави бајрам со умот“ т.е. „што на ум, то на друм!“. Обично, тој некој (или таа некоја, да бидеме родово коректни!) беа од редовите на оние, кои од стварноста, за која филозофите од памтивек се сомневаа дали ја ИМА, создаваа големи ИМОТИ преку разни форми на експлоатација на тоа за што филозофите неретко тврдеа дека го НЕМА! И навистина, сета основа на либералната демократија, почнувајќи од нејзините корени во робовладетелството, па сè до прогресивниот слободен пазар беше токму во тоа: за некого имаше, за некого немаше!

Денес живееме во зенитот на либерализмот познат како неолиберализам, во кој можноста да се уништи стварноста, тој вечен и заколнат непријател на човекот и човештвото, никогаш не била поблиску на дофат: конвергенцијата од нуклеарно и биолошко оружје, социјални мрежи и мада фа… ова… мајндфак… ова, пардон, високопарни академски спекулации, попознати како конструкти и деконструкти најпосле ја отвори можноста да се ослободиме еднаш и засекогаш од тоа чудовиште, кое отсекогаш било предмет на филозофски презир и не толку филозофска експлоатација – стварноста. Или, стручно академски кажано: стварноста е конструкт (патријархален, секако!) кој треба да биде деконструиран, со што ќе постане деструкт. А што потоа, не е важно, сè додека можеме да си замислиме дека – дури и откако сè ќе испече –  Капиталот ќе продолжи да тече, не… впрочем да буи како никогаш досега, конечно ослободен од стегите и пречките на стварноста што, ете, се осмелила да му застане на патот со своите закономерности и граници, кои како такви мора се деконструираат дискурзивно, да се дестркуктурирааат социјално… море, ако треба има и да се деструираат бионуклеарно!

Во таа конечна битка на метафизиката против стварноста, Управата назначи една релативно опскурна госпоѓа за свој заменик генерален секретар. За оваа госпоѓа, како впрочем и за сите опскурни чиновници на Управата, не се знаеше многу, освен тоа дека доаѓаше од таму негде јужно на север, дека многу сакаше оклопни возила и бомбони и – она што беше врвната вредност на либерализмот – дека ја биваше за бизнис… ова… беше ревносен поборник за демократските вредности кои, како што на читателот досега мора добро да му е познато (а ако не му е, нека му ја мисли!) изгреваат, се мрестат, се конструираат и опструираат на Запад и никако на друго место!

Назначувањето на оваа апсурдна госпоѓа (овде сепак мора да им се извиниме на апсурдите, барем на оние од рангот на мистиците и поетите!) беше секако големо признание за Апсурдистан и за апсурдите воопшто како фунаментална база на основата на која се темелат сите либерални демократии кои изгреваат во западната градина и се плашат да не зајдат таму некаде уџум во џунглите и прашумите на исток или југ. Апсурдната госпоѓа, заедно со нејзините партнери усрдно работеше да го поведе светот во една нова, неолиберална стварност, стварност ослободена од стварноста.

Граѓанинот Шљупков, иако скромно, сепак предано учествуваше во сеопштата војна против стварноста: секое утро кога ќе станеше и ќе го вдишеше воздухот со смог (или смогот со воздух), кога недобројните честички именувани со егзотични акроними, придружени со не помалку егзотични мириси на спален отпад и изгорени гуми ќе проструеа низ неговите гради, кога автобусот што требаше да дојде не доаѓаше, но уште пострашно, и платата која требаше да дојде, некогаш доаѓаше, некогаш не доаѓаше, докторите и лековите кои му требаа, некогаш ги имаше, некогаш ги немаше, додека сметките, давачките и даноците доаѓаа со непогрешлива метафизичка прецизност на кантовски часовник – Шљупков, после едно долго и реторички софистицирано oratio од клетви и пцовки најпосле ќе констатираше дека – навистина – стварноста е за никаде!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Кристина Пота Радуловиќ

Што е она што можам да го направам сега?

Љубомир Николовски

Коби Брајант: стремеж кон совршенство

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ