Јаневска потенцираше дека Стопанската комора успеа значително да го зголеми бројот на компании и на училишта кои учествуваат во дуалното образование. Во 2017 година беа вклучени една компанија и едно училиште, а денес во процесот се вклучени повеќе од 560 компании и 62 училишта. Во 260 паралелки се реализира дуално образование со обуки во компаниите.
„Навистина треба да се вложува во образованието и да се создава кадар според потребите на компаниите. Без квалификуван кадар не можеме да очекуваме продуктивност, производство и ефикасност, а со тоа и зголемување на БДП. Целата наша посветеност и ангажираност се насочени кон создавање квалитетно, функционално образование според потребите на бизнисот“, истакна Јаневска.
Паралелно со овие напори, комората, преку своите меѓународни партнерства, обезбеди финансиска поддршка за компаниите кои вложуваат во стручното образование. Преку Коморскиот инвестициски форум и преку Германската развојна банка досега се обезбедени повеќе од 7,1 милиони евра грантови, кои веќе се доделени за стручните училишта, факултетите и за компаниите кои активно учествуваат во развојот на дуалното образование.
Во разговорот Јаневска истакна дека Комората се залага и за зголемување на буџетските средства за стручно образование од 3,7 на 5 % од БДП, што е во согласност со препораките на ОЕЦД.
„Стручното образование е многу скапо. Финансиите што се даваат за стручните училишта и за гимназиите не можат да бидат исти, зашто за стручните училишта треба да се набават определена опрема, алати и машини кои учениците ќе ги видат во училишните работилници. Треба да се смени моделот на финансирање – не како што е досега според бројот на ученици, туку врз основа на реалните потреби за реализација на определена квалификација за која учат учениците. И мора да го следиме оној пристап од 5 % за образованието, според земјите на ОЕЦД, зашто само ако вложуваме во образованието може да зборуваме за квалитет. Можеби инвестицијата во моментов не е исплатлива, но на подолг рок е исплатлива зашто ќе создадеме кадар кој потоа ќе придонесува во државата“, потенцираше Јаневска. Таа додаде дека наредните планови на Комората се да го подобри квалитетот на практичната обука и да го зголеми бројот на компании и на училишта за реализација на практична обука.
„Следно нешто на кое сакаме да работиме е високото образование, а тоа ни е многу важно затоа што високото образование, исто така, треба да создава не само академски граѓани, туку граѓани кои ќе имаат и стручни и практични вештини какви што бараат компаниите. Сега работиме на тоа да ја воведеме практичната настава како задолжителна во студиските програми на факултетите“, истакна Јаневска.
Во разговорот таа се наврати на предизвиците со кои се соочија компаниите и институциите при првичниот обид за воведување практична обука, во согласност со потребите на реалниот сектор. Јаневска потсети дека на самиот почеток компаниите кои прифатија ученици на практична настава беа казнети од Државниот инспекторат за труд поради недорегулирани законски акти. Со големи напори, Комората успеа да воспостави правна рамка што овозможува трипартитен договор меѓу ученикот (и неговиот родител), компанијата и училиштето, со што се овозможи регулирана и безбедна практична обука во реални работни услови.
М-р Наташа Јаневска е експерт со долгогодишно искуство во областа на стручното образование и квалификацискиот систем. Како поранешен државен советник во Министерството за образование и наука и како член на Советодавниот комитет за стручно образование и обука при Европската комисија, таа е еден од клучните креатори на Националната рамка за квалификации. Од 2019 година е дел од Стопанската комора на Северна Македонија, каде што работи на создавање систем за развој на кадар во согласност со потребите на бизнисот – стратешка цел на Комората за наредните 10 години.