недела, 6 октомври 2024
Крис Патен

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Наследството што го остави Сталин

Ако научивме нешто од напорите на западните земји за задржување на советскиот експанзионизам, тоа е дека единствениот начин за одвраќање на тоталитарните насилници е соочување со нив. Доколку Западот реагираше порешително на руската инвазија на Грузија во 2008 година или на анексијата на Крим во 2014 година од страна на Русија, Владимир Путин можеби немаше да започне војна против Украина во 2022 година.

На почетокот од летото, ми се јави еден мој пријател од Австралија за да ми честита „OBE“. Збунет, го прашав: „Што ти е тоа?“ Тој ми одговори: „Забележав во роденденската колумна во весникот дека сега имаш повеќе од 80 години (Over Bloody Eighty)“.

Имаше право. На 12 мај го прославив својот 80 роденден. Љубопитен за тоа кое е историското значење на овој датум, увидов дека истиот тој викенд во 1944 година, советските трупи ја принудија германската армија да се повлече од Крим додека тие (Советите) постојано ги заземаа териториите во Русија и Централна Европа кои претходно беа под власт на нацистите.

Интересно е тоа што на овие настани се става главен акцент во неодамна објавената книга Крај на играта 1944: Како Сталин ја доби војната чиј автор е мојот близок пријател Џонатан Димблби. Иако некои можеби сметаат дека да се фали работата на некој свој пријател е невкусна работа, многу поголема грешка би било да се занемари оваа исклучителна книга само поради тоа што сме пријатели со авторот.

Димблби е угледен британски новинар кој во последниве години се етаблира како еден од најистакнатите историчари за Втората светска војна и кој опширно пишува за 1942 година. Битката кај Ел Аламејнвојувањето на Атлантикот и нападот на Советскиот Сојуз од страна на Адолф Хитлер.

Во својата најнова книга, Димблби го насочува своето внимание на клучните настани од 1944 година. Неговиот наратив маестрално раскажува за крвавите битки водени во таа година и за дипломатијата во која влогот бил голем а која помогнала да се одржи единството на сојузниците и која, на крајот, го оформи повоениот глобален поредок.

Додека Советите го протеруваа Вермахтот од териториите кои беа освоени, во полза постојано им одеа и катастрофалните одлуки на Хитлер. Нивните тешко извојувани победи во голема мера може да се припишат на огромната бројност и на херојството на нивните војници. По инвазијата на сојузниците во Нормандија во јуни 1944 година, кога силите на Хитлер беа растргнати на два фронта, на Германците им беше уште потешко да ја победат демографската предност на Советскиот Сојуз. Огромната големина на советската армија која беше ангажирана без речиси и да се води внимание за жртвите, на крајот успеа да ги совлада нацистите.

Димблби сликовито го доловува страшниот биланс на војната преку ужасните сведоштва на војниците и на цивилите. Неговото прикажување на систематското уништување на полските и унгарските Евреи од страна на нацистите, заедно со уништувањето на Варшава и Будимпешта, кои некогаш беа блескави примери на европската цивилизација а потоа беа трагично претворени во урнатини, е нешто што речиси не може да се избрише од сеќавањето.

Во меѓувреме, сè поинтензивното присуство на советската војска во поголемиот дел од Европа, заедно со верувањето на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт дека повоениот поредок може да се изгради врз основа на договор помеѓу американската демократија и советскиот комунизам, му овозможи на Сталин да стекне предност во преговорите со Соединетите Американски Држави и со Обединетото Кралство. Загриженоста на британскиот премиер Винстон Черчил во врска со наивноста на Рузвелт беше отфрлена од голем број на Американци, кои веруваа дека Британците се повеќе заинтересирани за тоа да го зачуваат своето глобално влијание отколку да ја поттикнуваат и зајакнуваат меѓународната соработка.

Сите знаеме што се случи потоа. Рузвелт успеа во формирањето на Обединетите нации, но по цена на прифаќање на советско вето во Советот за безбедност и потчинување на земјите од Централна и Источна Европа кои, откако беа ослободени од германската окупација, беа апсорбирани во Советската империја. Ова му овозможи на Сталин да го обликува повоениот меѓународен поредок и ги постави основите за Студената војна, која заврши мирно тогаш кога иманентните и неодржливи слабости на комунистичкиот режим се соочија со силно американско лидерство.

Денес, за прв пат откако реформите на Михаил Горбачов навидум ветуваа иднина која се карактеризира со мир и со поблиски врски помеѓу двете страни на железната завеса која беше во распад, стабилноста на Европа е загрозена од руските империјалистички амбиции. Додека рускиот претседател Владимир Путин и неговите поддржувачи тврдат дека проширувањето на НАТО било причината за воениот напад на Украина во 2022 година, факт е дека Кремљ беше исто така непријателски настроен и кон проширувањето на Европската Унија, и покрај тоа што ЕУ не претставуваше воена закана за руските граници.

Сепак, најважната лекција која произлезе од напорите на Западот да го ограничи советскиот експанзионизам е таа дека единствен начин за одвраќање на тоталитарните насилници како што е Путин е соочување со нив кога ќе претераат. Доколку западните демократии порешително одговореа на руската инвазија на Грузија во 2008 година или на нејзината анексија на Крим во 2014 година, Путин, соочувајќи се со силната посветеност на Западот за одбрана на слободата и безбедноста, можеби ќе избегнеше понатамошна ескалација.

Не е доцна Путин да биде спречен да тргне по стапките на Сталин. Прв приоритет мора да биде да продолжиме цврсто да ја поддржуваме Украина.

Крис Патен

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Стефан Митиќ

Како малите промени можат да направат голема разлика

Рајко Пеколски

Човек 2.0 (бета)

Кристина Пота Радуловиќ

Анксиозност, треперливиот немир во нас

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ