четврток, 27 февруари 2025

Наградата „Константин Философ“ за филозофска книга за 2024-та за студијата „За нашите етички основи“ од Дејан Донев

Студијата на проф. д-р Дејан Донев „За нашите етички основи“ ја доби наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината, за 2024 година. Донев е втор добитник на оваа награда што ја доделува Филозофското друштво на Македонија.  Во 2023-та, беа востановени награди „Константин Филозоф“ во три категории, за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач.

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката за Наградата за филозофска книга на годината е донесена од комисија во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Ниш (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска-Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд (членови).

Во своето образложение Комисијата истакнува дека во делото на Донев „се истражуваат корените на македонската етика во формативниот период на словенската писменост и христијанскиот морал“.

„Имајќи го предвид фактот што етичкиот аспект на влијанието на словенските просветители и раното христијанство врз формирањето на македонскиот национален идентитет е недоволно истражена филозофска тема, книгата на Донев јасно се истакнува како оригинален проект во таа насока. Ако на тоа се додаде актуелната општествено-политичка чувствителност на прашањето за потеклото и статусот на македонската национална самобитност и самосвест, оваа книга веднаш се наметнува со својата значајност и потенцијална влијателност во јавниот дискурс… Во овој научно-популарен труд, следејќи ги истражувачките патеки што ги започна Блаже Конески, авторот го перципира средновековниот период како значајна историска и културна фаза во формирањето на македонскиот национален идентитет и самобитност, но и како брана од отворените и од прикриените напади и негирања на таа самобитност од разни страни. Како што вели авторот дека ова е книга за нив… ‘за оние кои нè создадоа и сведочат и нè потврдуваат во битисувањето’“, навела комисијата во образложението.

Д-р Дејан Донев (1976) е редовен професор на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава предметите од областа на етиката. На Институтот за филозофија го комплетира своето академско образование, односно магистерската теза (2005) и докторската дисертацијата „Етичките вредности во менаџерството“ (2008). Добитник е на наградата „8 Ноември“ за 2013 година на Советот на општина Неготино, за постигнати резултати во науката.

Донев е Раководител на Центарот за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје, Катедра на УНЕСКО за биоетика и член во различни интернационални биоетички мрежи, член и на повеќе регионални филозофски и биоетички друштва.

Автор е на повеќе од 300 научни и филозофски трудови во стручната домашна и интернационална периодика, а ако визитинг професор држи предавања на универзитети во Бугарија, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Чешка и Хрватска.

Наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината ќе биде свечено врачена на специјален настан поврзан со одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 10 март 2025 на Филозофскиот факултет во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ