петок, 24 јануари 2025

На Србија ѝ е блокирано отворањето нови поглавја во преговорите со Европската Унија

Меѓу земјите членки на Европската Унија повторно денес немаше согласност со Србија да се отворат преговорите во кластерот 3, кој вклучува осум поглавја, се дознава од дипломатски извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Унгарското претседателство денес повторно го стави на дневен ред на состанокот на амбасадорите на државите членки прашањето за отворање на кластерот 3 – конкурентност и инклузивен раст. Тој кластер вклучува осум поглавја: дигитална трансформација и медиуми, оданочување, економска и монетарна политика, социјална политика и вработување, претприемаштво и индустриска политика, наука и истражување, образование и култура, царинска унија.

Од тие осум поглавја Србија веќе отвори пет пред промената на методологијата на преговарањето. Новата методологија е усвоена на почетокот на 2020 и предвидува наместо поединечни поглавја, да се отвораат повеќе кои се поврзани во шест кластери, шест тематски целини.

„Нема поместување, останавме таму каде што бевме минатата недела“, кажал дипломатски извор.

Минатата недела осум земји, меѓу кои и Хрватска, имаа забелешки на предлогот на унгарското претседателство да се отвори тој кластер. Главните причини за тоа се одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија и да се усогласи со надворешната политика на ЕУ, владеењето на правото и состојбата во медиумите.

Србија пред минатонеделниот состанок им поделила на државите членки неофицијален документ со листа на потези кои планира да ги преземе за да добие согласност за отворање на тој кластер. Повеќе земји кажаа дека не може да се напредува врз основа на ветувањата изнесени во тој документ.

Унгарското претседателство, кое силно ја турка Србија, најавува дека повторно следната недела ќе се обиде да добие согласност за отворање на тој кластер.

Европската комисија во својот извештај за напредокот оцени дека Србија е технички спремна за отворање на тој кластер, но за тоа навистина да се случи потребна е согласност од сите држави членки.

Преговорите со Србија се практично замрзнати од декември 2021 кога ги отвори последните поглавја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ