„На половина од меѓународниот фестивал можеме да кажеме дека сме презадоволни од посетата на Фестивалот, од нашата публика, од изведбата на театарските претстави и од текот на самиот фестивал. Досега имавме преку три илјади посетители, и очекуваме тој број до крајот на Фестивалот да се дуплира. Години наназад тоа е фестивал со најголема посетеност во Македонија“, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.
Досега настапија театрите од Велес, кумановци ги гледаа претставите „Ле кретен“ од Штип, „Приказна за театарот“ од Пирот, Србија, „Три и пол сестри“ од Винковци, Хрватска, „Илуминати“ на Театар комедија од Скопје.
Вечерва, игра „Чекајќи го лекарот“ од Лесковац, Србија. Кумановци ќе ја проследат и претставата „Граѓанинот благородник“ на тетовскиот театар, „Седумте стола“ на гостите од Ловеч, Бугарија, „Кафез со кокони“ на Драмскиот театар. Како и претходните и годинава фестивалот ќе го затвори кумановскиот театар со „Љубовна терапија“. На 15-ти октомври ќе биде прикажана „Обвинителка“ и ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, за машка и женска улога, споредна улога, сценографија, костимографија и во други категории.