Оваа операција претставува третман за пациентите кои имаат проблеми со солзењето, или медицински кажано – со опструкција на солзниот назолакримален канал.
„Со операцијата се воспоставува прооднос на одводниот лакримален систем на окото“, велат од Клиниката за очни болести.
Оперативниот зафат го изведе тим од Универзитетската клиника за очни болести, специјалисти од одделот за преден сегмент на окото, во соработка и менторство на д-р Евангелос Локовитис од Грција. Беа изведени две хируршки интервенции чииј оперативен и постоперативен тек помина во најдобар ред.
Ваквата оперативна техника, со ендоскопски пристап како помалку инвазивна метода со пократок постоперативен тек, претставува голема предност во споредба со класичната техника. Во периодот што следува оваа процедура ќе стане рутинска метода на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје, како единствен терциерен центар за третман на пациентите во Македонија.
„Воведувањето на новата метода, ендоскопска дакриоцисториностомија, преставува значаен исчекор во лекувањето на пациентите со опструкција на назолакрималниот канал, која за пациентите ќе значи враќање на функционалноста на солзниот апарат, подобрување на квалитетот на живот и пократок постоперативен период“, изјави директорката на Универзитетската клиника за очни болести, доц. д-р Наташа Шекеринов.