Адвокатите истакнаа дека дури ни на мајката не ѝ било дозволено да влезе во мртовечницата каде што се претпоставува дека е неговото тело.
„Мајката на Алексеј Навални и нејзините адвокати пристигнаа во мртовечницата рано утринава. Не им беше дозволено да влезат. Еден од адвокатите беше буквално истуркан надвор. Кога го прашаа персоналот дали телото на Алексеј е таму, тие не одговорија“, објави на социјалните мрежи Кира Јармиш, портпаролката на Навални.
Рускиот опозиционер и главен противник на претседателот Владимир Путин почина во петокот во арктичкиот затвор во регионот Јамал, каде што издржуваше 19-годишна затворска казна.
Тој е во затвор откако се врати во Русија во почетокот на 2021 година, а неговата здравствена состојба со месеци се влошуваше.
Неговата мајка Људмила Навална во саботата со својот адвокат отиде во таа оддалечена казнена колонија.
Според руските затворски служби, Алексеј Навални (47) починал во петокот откако ненадејно му се слошило „по прошетка“.