Тој изјави дека се обидел да издејствува седницата сепак да се одржи денеска за да не се прават дополнителни трошоци, но оти ДПА останала на своето барање. Одлагање на собраниската седница побара координаторот на пратеничката група на ДПА Имер Алиу поради партиски обврски.
Пред да дојде до прекинување на расправата пратениците ги донесоа измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Тогаш координаторот на ДУИ Талат Џафери ги обвини пратениците од заедниците од опозицијата дека го злоупотребуваат Бадентеровото право.
Вељаноски свика координативна средба откако Џафери побара прекинување на 16. седница и наоѓање начин за поништување на гласањето за измените и дополнувањата на Законот за средно образование, по скратена постапка.
„Ние имавме мнозинство во гласањето. На вонуставен начин си играат со начелото на Бадентер. Претставниците на заедниците од опозицијата всушност злоупотребуваат едно право што е стекнато врз грбот на другите. Барам да најдете можност да се поништи ова гласање поради фактот што треба да не се земе предвид гласањето на оние што влегоа само за второто гласање на законот“, изјави Џафери.
Тој му се обрати на пратеникот Ердоган Сарач од опозицијата, посочувајќи дека не може да си игра со право за кое некој друг се борел и го добил.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски рече дека тоа останува на совеста на пратениците на кои им е дадено ова право.